| четврток, 6 декември 2018 |

Амбасадорот на САД: Во Албанија дејствуваат четири криминални кланови

Американскиот амбасадор во Албанија, Доналд Лу предупреди денеска во Тирана дека во таа земја дејствуваат четири криминални кланови, контролирани од 20 криминални семејства, кои се занимаваат со одгледување и дистрибуирање на дрога, трговија со луѓе, уцени, кражби на автомобили и прење на пари.

Иако во производството и дистрибуцијата на канабис е постигнат одреден напредок, забележал американскиот дипломат, најголемиот предизвик на Албанија се уште е борбата против организираниот криминал.

– Се додека „големата риба“ не биде уапсена и ставена во затвор, постои опасност повторно да се вратат проблемите со производство и дистрибуирање на канабис, нагласи Лу.

Тој истакна дека имињата на припадниците на тие криминални групи се познати, а како пример го наведе шверцерот на дрога Емилиjано Шулази, за кого медиумите тврдат дека раководи со криминален клан од затворска ќелија.

Американскиот амбасадор истакна за шефот на Драчкиот криминален клан, Љуљ Бериша дека по грешка е порано ослободен од затвор, па поради тоа биле уапсени директорот на затворот и адвокатот кои му ја овозможиле „мистериозната слобода“.

Лу како еден од лидерите на бандите го наведе Климент Баљиљи, за кого тврди дека тргува со дрога и по кого трагаат Грција и американската служба ДЕА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top