| четврток, 6 декември 2018 |

Фени оди во стечај, одземени дел од одобренијата за увоз и извоз

Вработените во металуршкиот гигант „Фени“ во паника дека ќе ги изгубат своите работни места. Повеќе од триесет дена Фени работи на одржлив минимум, извршители има секој ден во фабриката, а веќе се почнало со мерење со геометри со кое се врши мерење и обележување на земјиштето.

Царинската управа му ги одзела одобренијата за увоз и извоз на „Фени индустри“, дознава Економски. Оваа ситуација е алармантна ако се земе фактот дека сметката на банката е блокирана и компанијата нема покритие за банкарската гаранција која служи како доказ дека има начин да се платат давачките. Вработените се скептични и исплашени  бидејќи за да се извадат повторно овие одобренија потенцираат дека треба многу време и процедурата е многу долга.

Макфакс пренесува дека вработените немаат голема надеж  дека „Фени“ ќе почне повторно да извезува и увезува. Инаку, од царинска Управа потврдуваат дека дел од одобренијата за увоз се одземени но тие тврдат дека не на „Фени“ туку на фирмата „Нова логистик“ која го врши транспортот за комбинатот.

Неофицијално, дел од вработените во „Фени“ почнале да си бараат нова работа, а дел даваат откази. Тие сакаат да знаат зошто во изминатиот период немало никакви инвестиции и бараат одговорност за раскрчмувањето на компанијата и испумпувањето на капиталот преку фирмите-ќерки на „Фени“. Тие велат, пишува Економски, дека иако „Нова логистик“ е фирма која се грижи за транспортот на „Фени“ но дека се ангажирале надворешни транспортери кои секогаш биле поскапи.

Вработените се сомневаат дека затворањето на „Фени“ се планирало и дека не било случајност. Тие изјавуваат дека менаџментот ја користи власта како параван за да ги изнесува парите од компанијата.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев е сопственик на компанијата ЕДС која го снабдува „Фени“со електрична енергија. Јавноста се сомнева дека „Фени“ намерно се уништува за луѓе блиски на актулениот премиер Зоран Заев да ја преземат фабриката за багателна цена.

Доколку „Фени, отиде во стечај, тоа ќе претставува голем удар за македонската економија, затоа што „Фени“ учествува со голем дел во градењето на БДП на Република Македонија.

Голем дел од граѓаните ќе останат без работа, а локалните шпедиции ќе треба да стават клуч на врата. „Фени индустри“ има и директни и индиректни ефекти врз економијата од кои има бенефит и државата и граѓаните. Директно 850 луѓе би останале без работа додека околу 4.000 индиректно би биле погодени од згаснувањето на овој кавадаречки гигант.

Владата на Зоран Заев на чело со Кочо Анѓушев ветуваше дека „Фени“ нема да се затвори, но фактите зборуваат нешто друго .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top