| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Полно ми е срцето секогаш кога доаѓам во Штип

 

Секогаш кога ќе дојдам овде во Штип некако полно ми е срцето, и заради сеќавањата од честите подолги престои во детството и младоста, и заради многу нешта кои тука ги направивме, подобривме и решивме. А пред се заради луѓето, заради Вас, моите шчипјани, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во своето обраќање на вечерашниот митинг на партијата и коалиционите партнери во Штип.

– Израснав со баба ми, која од раѓањето па се до нејзината некаде 50-та година живеела во Штип и мајка ми која првите 14 години ги поминала тука. Растев со приказните за случувањата во Штип во првата половина и средината на 20 тиот век, а потоа пак во годините на моето детство и младост во седумдесетите и осумдесетите години, многу често го посетував овој град и тоа најчесто по иницијатива на вујко ми Јордан, кој неуморно и бескрајно се гордееше со Штип, и со историјата на овој град, со историјата на ВМРО, за која ми прераскажуваше уште кога бев дете и ништо незнаев за Тодор Александров, за Черноземски, за Мише Развигоров, за многуте револуционери и војводи од овој град, но и за многуте борци во НОБ на чело со командантот на партизанското движење Михајло Апостолски, за учителите во ново село, за Гоце, Даме, и останатите.

– Најинтересно беше кога подоцна во осумдесетите години Јордан беше трговски претсавник на Макотекс во Прага неуморно и со гордост на многу чешки пријатели и соработници им раскажуваше каков град е неговиот роден град и колку храбри јунаци дал Штип, но најмногу остануваа збунети кога ќе завршеше гордо прераскажувајќи ги атентатите на ВМРО, на чеси…прилично мирољубива нација која со векови не била во војна. Mи беше големо задоволство кога на последниот Велигден патувајќи кон Лесновскиот манастир, поминав неколку часа и овде во Штип и особено во ново село, и на моите деца и сопруга им ја покажав куќата на дедо ми во населбата ново село, прошетка низ ново село, се фотографиравме пред и во школото каде бил учител Гоце Делчев и другите познати македонски револуционери и идеолози, денеска зграда на ректоратот на Штипскиот универзитет, па во црквата Пресвета Богородица, па музејот на ВМРО во Ново Село, па на ручек во еден ресторант во градот, си ветивме дека пак ќе дојдеме приватно бидејќи во Штип има што да се види, и пријатно
е да се престојува, истакна Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top