| четврток, 6 декември 2018 |

Знае ли Заев кој е на власт последните четириипол месеци?!

Ниту еден проект за добро на граѓаните, ниту една капитална инвестиција, само многу лажни ветувања, штетни одлуки и укинувања. Ова се карактеристиките на досегашното владеење на СДСМ на чело со Зоран Заев – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во своите обраќања пред народот на митинзите кои се организираат по повод претстојните локални избори.

Премиерот Заев се однесува како да не е на власт. 4 ипол месеци е во фотелја, а се уште се однесува како во опозиција.  Дополнително, по пржинските договори, Заев имаше свои министри во Владата, што значи дека цели две години министер на СДСМ нема спроведено ниту еден добар чекор за македонските граѓани.

Граѓаните не можат да посочат на ниту една позитивна работа од нивното владеење. СДСМ наместо да воведе-укинува, наместо да реализира-стопира, наместо да зголемува-намалува и наместо да исполнува ветувања, смислува нови лаги.

Удар по грбот на младите

Во предизборието СДСМ ветуваше низа проекти за младите. Откако седна на премиерското столче, Заев заборави на сите овие ветувања.

Голем дел на студенти од надворешноста оваа година немаат можност да студираат и да стекнат образование. Владата на Заев ги укина дисперзираните студии и со ваквата одлука им го ускрати правото на студирање на многу млади луѓе кои немаат средства да патуваат и престојуваат во други градови и директно се влијае на изумирање на градовите. Со ваквата одлука, идните студенти се изложуваат на дополнителни трошоци, а втората опција им е поради недостаток на финансии да се откажат од студирањето.

Укинувањето на дисперзираните беше една од првите мерки на Владата на Зоран Заев, кој ветуваше живот за студентите, а со одлуката за укинување на дисперзираните студии, Владата на СДСМ директно удри по младите, кои директно по себе ја чувствуваат штетата.

Дисперзираните студии беа укинати без никаква јавна дебата. Не беа прашани ниту професори, ниту студенти, а ни нивните родители. Оваа одлука ја донесоа Зоран Заев и Рената Десковска, од која како универзитетски професор се очекуваше да има барем трошка чувство во корист за студентите.

СДСМ одби да даде вредносни ваучери за студентите! Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери кој го поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а го одби СДСМ, предвидува редовните студенти од семејства чии месечни приходи не го надминуваат износот од две просечни месечни нето плати, а кои за прв пат се запишуваат во трета и четврта година на студии на високо образовните установи во Република Македонија да добијат бесплатни компјутери.

Овој закон единствено е во интерес на студентите кои што досега во два наврати додека беше претходната власт, добиваше вредносни ваучери за набавка на компјутери и компјутерска опрема. СДСМ не покажа интерес дури ни во оваа насока да им помогне на младите. Дополнителен удар за студентите беше тоа што со ребалансот на буџетот што СДСМ го усвои скрати над 155 милиони денари планирани за студентските домови. На студентите им беше скратен еден оброк во домовите, што ќе падне како нов трошок на нивни терет. Во студентските домови од минатата недела нема ниту вода за пиење.

СДСМ ги брка странските инвеститори и со тоа им ускратува на младите неколку илјади работни места.

Младинската гаранција остана само уште една во низата лаги на СДСМ.

Платите и пензиите одат надолу

Ако некој поверува во предизборните ветувања на СДСМ, со сигурност очекуваше просечна плата од 500 евра и повисоки пензии. Платите и пензиите во моментов се намалени. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, дрско си дозволи обие да манипулира со пензионерите претставувајќи им го законското порамнување како покачување.

Ширење омраза

Ширењето на омраза е исто така нешто кое го одбележа периодот на владеење на СДСМ. Наместо да понудат проекти и да сработат нешто, челниците на новата Влада макотрпно работат на пресметка со противниците. Тие неоправдано обвинуваат, навредуваат, критикуваат со цел гневот на јавноста да го насочат кон спротивната страна иако граѓаните својот револт оправдано го насочија кон оние кои сега седат на „Илинденска“ без да спроведат нешто.

Чекорите кои ги превзема новата влада се од штетен-поштетен. Се потпишуваат договори со соседни земји кои целат кон тоа да ја избришат македонската историја, економијата тоне, државата се тера во банкрот. Се условуваат и субвенциите за земјоделците, полицијата и судот под притисок насилно се пресметуваат со неистомислениците на Заев. Инвеститорите се бркаат со цел уште поголемо богатење на Заев и неговите најблиски соработници. Во здравството се случуваат огромни трагедии за кои никој не понедува одговорност. Во секој сектор само неуспеси и огромна штета на македонските граѓани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски овој период на владеење на СДСМ го дефинира како помрачување!

-Тие се уште веруваат дека без народ може да се владее. Затоа сега на 15-октомври ќе им се покаже дека народот е тој што дава власт во оваа земја и дека народот е тој што одлучува кој ќе ја води државата и на централно и на локално нив. Подготвивме документ, нова ера за наредните 10 години откако ова помрачување ќе почне да заминува, а ќе почне да заминува на локалните избори на кои народот ќе го даде своето мислење за градоначалници и советници. Ама ќе го даде своето мислење и за помрачувањето, за рушењето на економијата, за незаконското работење и насилничко работење на таканаречената влада која мисли дека против волјата на народот вечно ќе владее, за одењето против волјата на народот, порача Груевски на синоќешниот митинг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top