| четврток, 6 декември 2018 |

Александар Никовски: За време на мојот ангажман донесов странски инвестиции вредни 83 милиони евра

Тој работел на бројни други проекти неколку во напредна или завршна фаза кои доколку успешно се довршат ќе донесат додатни обемни инвестиции и над 1,500 нови работни места

Александар Никовски, советник на поранешниот премиер Никола Груевски реагира на написите „Синот на Ристо Никовски бара Владата да му исплати 9.450 евра” и го објаснува својот ангажман кој го имал во Владата.

„За време на мојот ангажман како советник на премиерот за странски инвестиции донесов директни странски инвестиции во Македонија вредни 83 милиони евра со кои се планирани над 3,200 вработувања.

Дополнително донесов и уште една компанија која потврди намера за инвестиција – проектот беше во финална фаза после 18 месеци работа и преговори, и го предадов на новата влада после мојата оставка.  Инвестицијата од оваа компанија предвидува дополнителни 500 вработувања и инвестиција од најмалку 25 милиони евра“ вели Никовски во својата реакција.

Покрај овие инвестиции тој работел на бројни други проекти неколку во напредна или завршна фаза кои доколку успешно се довршат ќе донесат додатни обемни инвестиции и над 1,500 нови работни места.

„Ова функција ја прифатив само од желба да допринесам за Македонија.  Претходно 20 години живеев и работев во странство и имав врвно успешна кариера во Лондон, Велика Британија, на менаџерски и директорски позиции во водечки банки и финансиски институции и како консултант на водечки компании.

Мојата заработувачка во странство како и од моите консултантски активности е неспоредливо поголема од хонорарот што го добивав за мојот ангажман во владата. Како резултат на мојот ангажман во владата се откажав и од многу поголема заработувачка од други активности.

Договорот кој го имав со Владата за привлекување на странски инвестиции и обврските од истиот власта, која е и да, е обврзана да ги почитува.  Барањето се однесува на неисплатените хонорари според договорот како и направените службени трошоци.

Почитувањето на договорите е императив во деловните активности и тоа е регулирано со закон.  Секое непочитување на договореното влече правни последици.  Владата треба да е пример за доследно деловно однесување и почитување на договори“ се вели во реакцијата на Никовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top