| четврток, 6 декември 2018 |

Државни ресурси за приватните фејсбук-профили на министрите

Владини функционери, советници и државни службеници водат фејсбук-кампања за локалните избори. Мила Царовска, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски се дел од министрите кои ги користат своите страници на „Фејсбук“ за партиска промоција на кандидатите за градоначалници – објавува Макфакс.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на својот фан-пејџ на „Фејсбук“ како насловна фотографија го објави официјалниот слоган на партијата СДСМ за овие избори, како и линк до партиската програма. Од нејзиниот кабинет, за „Макфакс“ велат дека профилот го уредува лице од Министерството, но и самата министерка и дека сите партиски ангажмани Царовска ги извршува строго надвор од работното време и за време на викенд.

„Министерката Мила Царовска е член на работни тела на СДСМ, а во владата е ангажирана на предлог на оваа партија. Таа ја спроведува програмата ‘Живот во Македонија’, која беше предложена на парламентарните избори. Сите ангажмани поврзани со партијата, Царовска ги спроведува исклучиво и строго надвор од работното време и исклучиво за време на викенд. На официјалната фејсбук-страница на Министерството за труд и социјална политика не постојат постови со партиска содржина. Министерката повлекува строга граница меѓу ангажманот како министерка и партискиот ангажман“, велат од нејзиниот кабинет за Макфакс.

Фотографијата на фејсбук-страницата на Царовска е објавена на 25 септември (понеделник) во 21:49 минути.

Покрај Царовска, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, социјалните мрежи ги користи за промовирање на новите партиски штабови кои партијата ги отвора низ Македонија, но и за пренесување на пораката на граѓаните дека тие ќе гласале за „Живот во Македонија“. Доколку прегледате што друго има објавувано Николовски, ќе забележите дека тој на 26 септември (вторник) бил на партиска средба со граѓани во Валандово, заедно со кандидатот за градоначалник Перо Костадинов, а, пак, фотографиите на неговата страница на „Фејсбук“ се објавени во 20 часот.

„Фан-страницата на социјалната мрежа е страница на Љупчо Николовски, кој е член на Извршен одбор на СДСМ и шеф на кабинет на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Постовите на фан-страницата ги објавува Николовски и тим од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство кога објавите се поврзани со неговата функција – министер. Но, пристап за менаџирање на фан-страницата има и тимот од Центарот за комуникации на СДСМ, кои, пак, ги постираат објавите со партиска проблематика“, велат од кабинетот на Николовски за Макфакс.

Тие додаваат дека согласно со законските одредби, Николовски сè до завршување на работното време и обврски во МЗШВ доследно ја извршува функцијата министер.

„По завршување на работното време и за време на викенди има партиски активности, како член на Извршен одбор на СДСМ и шеф на кабинет на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Но сите активности поврзани со изборната кампања ги извршува надвор од работното време и со ресурси од партијата. Николовски прави строга граница меѓу ангажманот како министер и партискиот ангажман“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од кабинетот на Николовски се децидни дека нема прекршување на Кодексот за административни службеници. Пракса на водење политичка кампања на јавна фејсбук-страница, каде претставниците на Владата настапуваат во својство на министри, ја има и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. На 25 септември споделила објава со наслов „Живот во Македонија за сите“, каде објавила и линк кој води до партиската програма за локалните избори. Истиот ден објавила и фотографија со слоганот на владејачката СДСМ за локалните избори 2017.

„Поделбата на државата од партијата е принцип на чие почитување министерката Радмила Шекеринска недвосмислено инсистира. Објавите на официјалните социјални мрежи на Министерството за одбрана ги објавува тим од Министерството и таму во никој случај не можете да најдете постови поврзани со партиската функција на Шекеринска. Но, фан-страницата е страница на Радмила Шекеринска, која е и заменик-претседател на СДСМ. На фан-страницата постовите ги објавува тим од Министерството кога објавите се поврзани со нејзината функција во владата, а кога објавите се поврзани со партиска проблематика објавите ги постира тим од Центарот за комуникации на СДСМ“, велат од кабинетот на Шекеринска.

Од Министерството за одбрана потенцираат дека постои строга граница меѓу ангажманот на Шекеринска како министер и заменик-претседател на СДСМ, а, пак, велат дека сите активности поврзани со изборната кампања таа ги извршувала надвор од работното време и со ресурси од партијата.

Трите министерства со кои контактираше „Макфакс“ велат дека фан-страниците на „Фејсбук“ не се на министерствата туку приватна сопственост на министрите. Но, во секое министерство има тим кој работи на одржување на тие, како што велат, приватни фејсбук-страници.

Кодескот за административни службеници на Министерството за информатичко општество и администрација, објавен во Службен весник бр 27/14, во членот 10 вели „Административниот службеник ги извршува работите политички неутрално, без да навлегува во вредносно преиспитување на утврдените политики. Административниот службеник не го застапува и изразува своето политичко уверување во вршењето на службените задачи и не врши политички активности, што можат да ја поткопаат довербата на граѓаните во администрацијата и во институциите од јавниот сектор“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top