| четврток, 6 декември 2018 |

Уште пред три месеци им вети решение: Заев ги остави работниците од „Колска“на цедило

– Немаме плата, немаме здравствено осигурување, никој не ја сфаќа нашата мака сериозно. Одиме во Влада, ни ветуваат дека проблемот ќе се реши, но решение нема, изјавија работниците од велешката фабрика за шински возила Колска на вчерашниот протест кога на два часа ја блокираа железничката станица во Велес.

Премиерот Заев прими претставници од фабриката уште во јуни, но како што велат вработените, се уште немаат примено ниту денар.

Тие револтирани од игноранскиот однос како што велат го има кон нив Владата, најавениот штрајк вчера го реализираа на железничката станица во Велес. Во временски период од 7 до 9 часот три патнички возови беа сопрени.

Тие се уште ги чекаат заостанатите плати, иако со слатките зборови на Заев уште пред три месеци им беше речено дека „презема обврска уште денеска да почне решавањето на проблемот на вработените кои шест месеци немаат земено плата, а ќе се изнајде и трајно решение за статусот на фабриката“.

Ветувањето Заев им го даде на 27 јуни, при посета на фабриката, а до ден-денеска работниците не добиле ниту денар.

Слободан Димитриевски, синдикален лидер, вели дека седум плати на вработените не им се исплатени. На последната средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев добиле ветување дека работите ќе се средат, имало дури и одлука на Влада за доделување на финансиски средства со кои ќе можело да се поделат две плати но и да се набават репроматеријали за да продолжи процесот на поправка на вагоните, но до денес тоа не се случило.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top