| четврток, 6 декември 2018 |

Атанасов: Нашата програма ќе донесе просперитет и развој за Берово

Кандидатот за градоначалник на општина Берово од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Атанасов денеска најави дека заедно со тимот имаат јасна, прецизна и остварлива визија, Берово да стане сигурно место за живеење. Тој рече дека Берово заслужува стабилност и сигурност и тоа треба да го добие.

Беровчани заслужуваат сигурна и надежна иднина за своите деца. Нудиме програма која носи просперитет и развој. Со мисла за подобро утро за сите граѓани, одиме напред, сложно и заеднички, чекориме гордо и достоинствено, во нашето ново утро. Со работа, дела, реализација, отчетност, гордо и достоинствено влегуваме во новата ера, истакна Атанасов.

Тој денеска презентираше дел од програмата, односно проекти имаат круцијално значење за иднината на општината.

-Ќе изградиме водоснабдителен систем со резервоар и филтер станица на Беровско езеро кои ќе допринесат за понатамошен развиток на алтернативниот туризам во Берово. За потребите на граѓаните ќе изградиме современ градски пазар кој ќе биде сместен на локација на постојниот пазар. Изградба на водоснабдителен систем со зафат и резервоар со кој ќе се реши еден долгогодишен проблем со водоснабдувањето во село Двориште. Продолжување на изградбата на водоводната мрежа над с. Русиново и с. Ратево како и изградба на резервоари за вода и доводна линија од филтер станицата во Берово до населените места, најави Атанасов.

Истакна дека проект од огромно значење за животната средина и за жителите на општината е рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Берово.

-Преку истиот ќе се опфатат канализационите мрежи во туристичката населба Беровско езеро, градот Берово и населените места Владимирово и Смојмирово како и мрежата за атмосферска канализација во урбаниот дел на Берово, со цел да се решат проблемите од можни поплави во периодите на дождови со јак интензитет. Реконструкција и рехабилитација на локалниот пат Владимирово – Берово. Ќе изградиме кружна раскрсница на раскрсницата на влезот на Берово и спојката со регионалниот пат Берово–Струмица и локален пат за Владимирово, која планираме да биде осветлена според прописите предвидени за ваков тип на сообраќајни решенија, посочи Атанасов.

Кандидатот за градоначалник потенцира дека ќе ја подобри уличната мрежа во Берово.

-Уличната мрежа во Берово ќе ја подобриме и со реконструкција на една од влезните улици во Берово, улицата „Борис Кидрич“, како и реконструкцијата на една од клучните сообраќајници во градот Берово ул. „Моша Пијаде“ која води кон туристичките населби Беровско Езеро и Абланица како и кон туристичкиот комплекс „Хотел Манастир“. Истата ќе биде целосно реконструирана со изградба на тротоарни површини и атмосферска канализација. Ќе ја реконструираме кино салата во Берово која ќе прерасне во еден современ мултикултурен центар со што Берово ќе добие уште едно место за културни случувања и настани од други видови. Во нашата програма ветуваме дека ќе го канализираме и останатиот дел од Будинарски поток кој минува низ централниот дел на с. Будинарци, нагласи Атанасов.

Верува дека само заедно со поддршка на граѓаните и неговиот тим, може да се чекори напред во градење на подобра, и попросперитетна општина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top