| четврток, 6 декември 2018 |

Зимско сметање на времето: Стрелките на часовникот во сабота кон недела одат еден час назад

Ноќта меѓу сабота и недела, односно меѓу 28 и 29 октомври почнува зимското сметање на времето со што стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час назад.

Тоа значи дека во 3 часот ноќта стрелките на часовникот треба да се вратат на 2 часот така што ќе се спие еден час повеќе.

Зимското сметање на времето почнува последниот викенд во октомври и трае до последниот викенд на март.

Поместувањето на стрелките во Западна Европа е воведено во почетокот на 1970-тие години со образложение дека со тоа се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден го прави поефикасен.

Преминувањето на летно и зимско време првпат е забележано во 1916 година во земјите на северна Европа, а досега воведено е во околу 70 земји, главно на северната хемисфера.

Стрелките не се поместуваат секаде во светот во исто време. Така, САД и Канада во 2007 година воведоа зимското сметање на времето да почнува во првата недела во ноември и да завршува во втората недела во март.

Поместувањето на времето во поголемиот дел случаи се извршува ноќта меѓу сабота и недела за да не предизвика поголеми проблеми за луѓето кои одат на работа.

Русија целосно го укина зимското сметање на времето во 2011 година, а Исланд е единствената европска земја која не воведе зимско и летно сметање на времето.

Сепак, некои астрономи се против поместувањето на стрелките и вештачкото „продолжување“ на денот, затоа што сметаат дека природата не треба да се „мачи“, па дури и ако се правда со економски пресметки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top