| четврток, 6 декември 2018 |

Стојановски: Заев и Анѓушев ги излажаа вработените од „Колска“, тие се шест месеци без плата и придонеси

Зоран Заев и Кочо Анѓушев ги излажаа вработените во „Колска“. Шест месеци, вработените се без плата и без исплатени придонеси за здравствено осигурување, изјави денес пред фабриката Марјан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Повикаа цела тајфа на новинари за да се сликаат, смешкаат и себеси да се претставуваат како спасители на „Колска“. Ги гледаа во очите вработените и ветуваа исплата на нивните плати во најкус можен рок. Ветуваа и лажеа. Денеска е 28-ми септември. Поминаа цели 94 дена од големите ветувања на Зоран Заев и Кочо Анѓушев, но наместо плати, вработените од „Колска“ од нив добија само лаги и измами. Платите што Заев и Анѓушев ги ветуваа не ги исплатија, а од големите најави за трајно решение за фабриката нема ниту трага, ниту глас. Но така е секогаш кога СДСМ ветува за „Колска“, вели Стојановски.

Тој истакнува дека денес вработените повторно ги лажат Заев и Анѓушев а претходно истото го правеше и Аце Коцевски, нивниот вечен кандидат за градоначалник.

-Аце Коцески на изборите во 2005 година ветуваше француска инвестиција „Лор“ за фабриката, а после изборите сето тоа го заборави. Денеска повторно Коцески е кандидат на СДСМ за градоначалник. Додека за вработените во „Колска“ цели 6 месеци плата нема, цел Велес и цела Македонија гледа како истовремено СДСМ ги полни институциите со партиски послушници и роднини на функционери. За партиските потрчковци на СДСМ пари има, а за вработените во „Колска“, плата нема. Ова ли е животот којшто го ветувавте? Ова ли е зборот кој што се чукавте вгради дека ќе го одржите?, прашува Стојановски.

Заради лагите и нечовечкото однесување спрема вработените во „Колска“,вели тој, Заев и Анѓушев ќе ја добијат казната на локалните избори на 15-ти октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top