| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата на Фрљиќ „Нашето насилство, вашето насилство“ го отвора вечерва 42. издание на МОТ

Претставата на познатиот хрватски театарски режисер Оливер Фрљиќ „Нашето насилство, вашето насилство“ во изведба на Словенско младинско гледалишче од Љубљана вечерва го отвора 42. издание на Млад отворен театар (МОТ). Претставата е во Младински културен центар (МКЦ) во 20 часот и трае 72 минути.

Претставата ја набљудува Европа, која е наивно затечена од бегалската криза, Европа, која бескрупулозно го заборава своето колонизаторско минато и која им ги затвора границите на оние кои бегаат од последиците на европските и американските политики. Дваесетиот век тврдоглаво го подгрева националниот нарцизам, кој не учи дека една маса е подобра од другите. Дваесет и првиот век продолжува да ги предава истите лекции и тоа со користење на најсилното оружје.

Словенко младинско гледалишче (СМГ) се едни од најчестите и најдраго прифатените гости на МОТ. За 42 години МОТ тие 40 пати гостувале во Скопје. Тибор Михелич Сајед, директорот на СМГ на кој денеска присустуваше на прес-конференцијата откри дека во странство гостувале до 47 претстави.

– Но, мора да се истакне дека со МОТ секогаш сме имале најдобри и најкоректни односи – рече Михаелич.

Тој објасни со какви проблеми се среќавале во Европа, на гостувањето со оваа претстава. Во Швајцарија на пример им било кажано дека ќе им биде платено, само да не доаѓаат со претставата.

Јелена Ковачиќ, директорката на ХНК Риека се потсети на гостувањето во Сараево и во Сплит.

– Во Сараево хајката против претставата ја почнаа од католичката црква, а потоа ним им се придружија и муслиманите. Публиката демонстираше за да ги пуштат и да ја гледаат претставата. Во Сплит веќе сите знаат што се случи. Публиката за да влезе во салата мораше да помине низ кордон од полицајци. Демонстрантите носеа пароли на кои пишуваше „Сатани, бегајте од нашиот град“. На среде претстава 20 припадници на десната радикална партија кои уредно купиле билети се обидоа да ја прекинат претставата, а другиот дел од публиката почна да ја пее легендарната претстава на Арсен Дедиќ, „Kad bi svi ljudi na svejtu“ – раскажа Ковачиќ.

Програмата на МОТ е поделена во четири категории – главна меѓународна програма, „МОТ МК Преглед“, „МОТ+“ и придружните фестивалски содржини и програми.
Публиката ќе има можност да ги погледне претставите: „Мојата фабрика“ (БНП) Зеница во режија на Селма Спахиќ, мултимедијалната претстава „Птици“, на шпанскиот колектив „Агрупасион Сенор Серано“ од Барселона, луцидната претстава „Лебенсраум“ во изведба на театарската трупа на Јакоп Алмбом од Амстердам, танцовата трупа „БедКо“ од Загреб, иранската претстава „Сослушување“ во режија на Амир Реза Кохестании, „Хор на сираци“ во изведба на современиот полски театар КТО од Краков и др.
Последната фестивалска вечер од официјалната програма е резервирана за Сања Митровиќ и за Владимир Алексиќ, кои сеќавајќи се на минатото ќе го прикажат нивниот авторски проект „Не се срамам од моето комунистичко минато“. Претставата е во продукција на „Стенд ап тол“ од Брисел, Белгија.
Програмата „МОТ МК“ вклучува избор на домашни продукции, кои освен пред публиката ќе бидат прикажани и пред петнаесетина европски селектори и критичари, за нивно натамошно дистрибуирање по сцените надвор од нашата држава. Во оваа селекција ќе бидат прикажани: „Експеримент“ на Артопија, во режија на Јане Спaсиќ, „Силјан Штркот Шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ и „Разговор во четири очи“ во режија на Нина Николиќ, и двете продукција на МНТ, потоа „Шумата на моето дрво“ на Северно од Импакт – во режија на Александар Ивановски, „Доктор Фауст“ на Битолскиот театар во режија на Андреш Урбан, како и двете продукции на „Театарот на Навигаторот Цветко“ и „Кино култура“ – „Антигона и Креонт“ во режија на Нела Витошевиќ, и „Лерин, полиња жито, ридишта крв“ во режија Слободан Унковски.

Програмата „МОТ+“ е составена од три продукции – „Систем еррор“ на Факултетот за драмски уметности од Скопје, „Бакнати од сонцето“ во продукција на „Театар Пи“ и мултимедијалниот перформанс „Таго“ од Сеул, Кореја.
Во рамките на придружната фестивалска програма, ќе бидат организирани две работилници – со Крис Јагер, искусен дизајнер на светло со повеќе од 30-годишно искуство на работа во оваа професија и по танц под менторство на „Скопје танцов театар“ од Скопје.

Претставите ќе се изведуваат од 18, 20 и 22 часот, на сцената на Младинскиот културен центар, како и во Македонскиот народен театар, Театар Комедија, Кино Култура, Македонската опера и балет, Детски театарски центар и Мала станица.

Влезниците се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар. Како што претходно беше соопштено, цената за претстава е 200 и 250 денари до почетокот на фестивалот, а од утре ќе биде повисока, односно 300 и 350 денари.

МОТ и оваа година ќе има придружна програма која ќе опфати  неколку работилници, предавања и концерти, како и промоција на книгата „Филозофија на паланката“ на Радомир Константиновиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top