| четврток, 6 декември 2018 |

Сајкоски со низа проекти за Кичево: Ќе ги имам предвид интересите и потребите на сите жители

Како кичевчанец, кој целиот живот го поминал во својот град, многу добро ги знам секојдневните проблеми и прашања кои не мачат, било тоа да станува збор за асфалтирање на улица, изградба на парк, или обезбедување топли училници за нашите деца, истакна на денешната прес-конференција Влатко Сајкоски, кандидат за градоначалник на Кичево на ВМРО-ДПМНЕ.

– Затоа ветувам дека како градоначалник на Кичево, ќе се грижам и ќе ги имам предвид интересите, проблемите и потребите на сите жители подеднакво без разлика на нивната партиска или етничка припадност. Со подобрена инфраструктура, нашата општина ќе ја направиме атрактивна и за странските инвеститори, а тоа ќе значи, изградба на нови фабрики и нови работни места. Мојот првичен чекор ќе биде брзо екипирање на општинската администрација, која ќе вклучува квалитетни, стручни и пред се амбициозни, млади кадри кои ќе бидат фокусирани на поддршка на сите економски проекти.

– Следниот чекор би бил отворање на ново ЈП за проектирање на урбанистички планови кое во прво време би било финансирано од општината, а подоцна би функционирало на самофинансирање. Поради се понагласениот проблем со иселувањето на квалификувана млада сила од Кичево и регионот, во фокусот на мојот мандат би претставувало запирање на тој процес и креирање можности за повраток на нашите иселеници во нашиот роден крај. За оваа цел планирам посебен проект за нивна поддршка на локално ниво.

– Проблемот со греење на училиштата ќе се надмине со премин од нафта во цврсто гориво. Исто така, ќе ги поддржам и оние посебни проекти на училиштата кои за цел би имале подигнување на стандардите и условите на едукација на нашите ученици како и на наставниот кадар. Од посебно значење би претставувало и подготвувањето на дефицитарни кадри во средното образование посебно во дејностите каде што тие недостигаат како и во дејностите кои сами по себе даваат можност за самовработување и брзо вработување во нашата средина. Точка која побудува посебни емоции, е ситуацијата со паркот и спомен костурницата „Кале“. Сметам дека по завршената реконструкција таа треба да се постави на постојано одржување.

Посебен проблем за Кичево претставува и ниското ниво на градска чистота. Планот е подигање на нивото на граѓанската култура како и поставување на повеќе канти за отпад, исто така ќе изградиме повеќе подземни контејнери во централното градско подрачје, заврши Сајкоски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top