| четврток, 6 декември 2018 |

Нови избори – нова програма за поубава, попросперитетна Виница

На првиот митинг денеска во Виница, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека пред граѓаните се нови избори, на кои има нови кандидати и нова програма, нова програма за Виница, нова програма за поубава, попросперитетна Виница.

-Во оваа програма има многу детали, за кои што верувам ќе најдете време да ги прочитате, јас ќе спомнам само некој од нив. Во новата програма ветуваме изградба на нов градски пазар, со сите стандарди, на местото на стариот градски плоштад, кој ќе даде современ изглед на централното градско подрајче и ќе ги подобри условите трговците и купувачите. Проектот е со проценета вредност од 40 милиони денари. Комплетно ќе се изгради коритото на Виничка река, која што поминува низ градот, со цел заштита од поплави и истата да добие нов лик,како придонес кон идејата општината да добие поуредено централно градско подрачје, кажа Груевски пред виничани.

Груевски напомена дека се предвидува и изградба на сообраќаен кружен тек на булеварот кај плоштадот и новата индустриска зонасо цел подобрување на безбедноста на сообраќајот.

-Ќе се продолжи со поплочување на улиците и тротоарите во градот Виница и во сите населени места, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот и квалитетот на живот на граѓаните, како и подобрување на инфраструктурното уредување на руралните средини. Ќе се продолжи и со реконструкција на водоводната мрежа во Виница, со замена на старите азбестни цевки со нови ПВЦ цевки, со цел снабдување на населението со квалитетна вода за пиење и создавање услови за подобрување на здравјето на граѓаните, изјави Груевски.

Тој кажа дека се предвидува и изградба на втората фаза од атмосферската канализација во Виница, со што ќе се намали степенот за можност од поплави, со позитивно влијание на животната средина, како и подобруање на животот на граѓаните.

-Предвидуваме изградба на филтер станица во село Трсино, со цел подобрување на водоснабдувањето и обезбедување на чиста и исправна вода за пиење, изјави Груевски.

Во програмата се предвидува и поставување на систем во ОУ Никола Парапунов во село Драговраште, со цел да се заштеди електрична енергија преку обновливи извори на енергија со што ќе се заштити и животната средина.

-Се предвидува и реконструкција на детската градинка Гоце Делчев, со поставување на енергетски кров, како и дворно уредување на градинката, со цел подобра грижа и заштита на здравјето на децата. Ветуваме и изработка на урбанистички планови за мали стопански зони во населба Градец, месноста Дива Топола и село Блатец. Во месноста Скараница се предвидува изградба на нови индустриски зони на мали капацитети од лесна незагадувачка индустрија, со што ќе се креираат нови работни места и ќе се придонесе за развој на мали и средни претпријатија. Што значи се размислува и за понатамошно отворање на нови работни места, изјави Груевски.

Тој на виничани им порача дека предуслов за сето тоа е да се стави крај на помрачувањето во Република Македонија и да се овозможи инвеститорите слободно да дишат, да можат да инвестираат без стравови дека ќе им се зголемат даноците, без закани, без било какви препреки. Груевски кажа дека тие треба да видат власт која што се грижи за нив и која што сака да ги види во поголем број, затоа што според зборовите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тие се тие што отвораат нови работни места и обезбедуваат опстанок на народот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top