| четврток, 6 декември 2018 |

Најбараниот британски терорист: Првата снимка од организаторот на масакрот во Манчестер

Британецот, терорист на ИСИС, кој се поврзува со бомбашките напади во Манчестер, бил фатен на снимка прв пат заедно со други озлогласени џихадисти од таа земја.

Рејмонд Матимба е роден во Зимбабве. Пред да се приклучи кон ИСИС, живеел во Манчестер. Бил снимен во кафуле во сирискиот град Рака, додека разговара со Мохамед Емвази, попознат како Џихади Џон, Јунаид Хусаин и регрутерот Рејад Кан.

На снимките изгледа дека Матимба, за кого долго се мислело дека е кревка фигура во терористичката група, е всушност еден од клучните луѓе на ИСИС, а сега, ако е уште жив, е еден од најбараните терористи во Велика Британија.
Снимката е направена во Рака уште во 2014. година. Изворот кој ја снимил, ја предал на Telegraph.

Матимба се поврзува и со манчестерскиот бомбаш Салман Абеди. Двајцата во ИСИС наводно ги вовлекол истиот човек, Рафаел Хостеи.
Се смета дека заедно посетувале иста џамија во јужен Манчестер, пред Матимба, познат и под името Абу Кака ал-Британи ал-Афро, да го напушти Обединетото Кралство и да оди најпрво во Барселона, потоа во Турција, од каде минал во Сирија.

Лицето кое го снимило ова видео рекло за Telegraph дека Матимба бил клучна фигура во нападот на Манчестер, и дека тој им кажал на командантите на ИСИС дека го мрази тој град и дека сака токму Манчестер да биде мета.
Потоа разменил пораки со Абади, само неколку месеци пред нападот во кој биле убиени 22 лица. Изворот исто така рекол дека Матимба е познат со вештините со пушки и снајпери.

На снимката се гледа и сега веќе покојниот Емвази, познат и како Џихади Џон. Тој е роден во Кувајт, но пораснал во Лондон, каде и се образовал. ИСИС тврди дека е радикализиран во 2005. година, по бомбашките напади во Лондон. Пред тоа неколку пати бил на Блискиот исток. Се верува дека во 2013. година ја напуштил Велика Британија и отишол во Сирија да се бори за ИСИС.

Таму станал дел од терористичката ќелија позната како “The Beatles”. Ја нарекувале така бидејќи биле четири членови, а сите зборувале на англиски.

Емвази бил еден од главните крвници на ИСИС, а ги обезглавувал британските и американските заробеници, а потоа снимките ги ставал на интернет. Само неколку седмици пред оваа снимка, ги убил Британците Дејвид Хејнс и Алан Хенинг. Џихади Џон бил убиен во воздушен напад во Рака во 2015. година.
На снимката се гледа и Абу Хусаин ал-Британи, роден во Бирмингем. За него се слушнало во 2012. година, кога од хакерската група “Team Poison” украл и во јавноста го пуштил адресарот на поранешниот британски премиер Тони Блер. Поради тоа Хусаин во затвор минал шест месеци.


Кратко потоа, побегнал во Сирија со сопругата Сали Џонс, поранешна пејачка во панк бенд, која исто така ја преобратил во ислам. Во Сирија станал моќен регрутер на терористи, а се смета дека заедно со Џонс планирал неколку напади во Европа. Хусаин бил убиен во 2015. година во американски воздушен напад.
Кан е роден и пораснал во Кардиф, а пред да падне во рацете на џихадистичките регрутери, бил одличен ученик кој сонувал за тоа да стане прв азиски британски премиер. Но, се откажал од тој сон и во 2013. година побегнал во Сирија, каде со Хусаин планирал напади на Велика Британија и нејзините сојузници.

Бил многу активен на социјалните мрежи, кои ги користел како алат за регрутирање на терористи, поставување на фотографии од убиени и слично. И тој бил убиен од дрон во Сирија во 2015. година.
Улогата на Рејмонд Матимба во ИСИС не е сосема јасна. Живеел во Манчестер пред во 2014. година да се пресели во Барселона, а пред тоа патувал во Турција и во Сирија.

Пријателите потврдиле дека во Рака го земал името Абу Кака Британи ал-Афро. Семејеството вели дека престанал да се јавува во 2016. година. Пред тоа постоеле извештаи за тоа дека е убиен, но тоа никогаш не е потврдено.
На снимките се гледа како четворица мажи разговараат додека им се полнат телефоните. Разговарале за теми како банкарски сметки, но и за други работи.

Како што вели анонимниот извор за Telegraph, тоа кафуле инаку е собиралиште на Европејци кои одлучиле да ги напуштат своите животи на Запад и да тргнат во џихад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top