Најбогатиот министер во владата на Зоран Заев и еден од петте најбогати Македонци, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, поседува приватнa фирмa во странство, но не ja навел во Анкетниот лист на Антикорупциската комисија, пишува порталот Нетпрес.
Според податоците до кои дојде Нетпрес, Анѓушев поседува приватна фирма во Панчево, Србија. „Brako Wire Products“ ДОО Панчево е основана на пети јули 2005 година, стои во регистарот на приватни компании на Србија. Фирмата е активно стопанско друштво, а се наоѓа во општината Панчево, место Панчево на адреса „Утва Златокрила“ број 9. Наведено е и дека дејноста со која се занимава „Brako Wire Products“ ДОО Панчево е производство на жичени производи, синџири и опруги. Во српскиот регистар како законски застапнци на фирмата се наведени: Крсте Лазаров – директор и Кочо Анѓушев – заменик-директор.
Освен во Србија Анѓушев имал бизнис активности, своевремено, имал и во Бугарија, каде е еден од основачите на компанијата „Брако Бугарија“, пишува порталот.
„Според Централниот регистар на Бугарија, оваа фирма е основана на 20 октомври 2009 година. Како основачи се јавуваат: Кочо Анѓушев, неговите бизнис партнери од Велес, Орце Давчев, Владе Гравчев и Василчо Шалев, но и бугарскиот државјанин Иво Велков Велев, кој е поставен и за менаџер на „Брако Бугарија“. Анѓушев, Давчев, Гравчев и Шалев се заведени како партнери“, стои во тектот на Нетпрес.
Нешто повеќе од две години по формирањето на „Брако Бугарија, поточно на 10 февруари 2012 година, Иво Велков Велев е заведен како сопственик на целосниот капитал. На истиот датум заведени се и купопродавања на акции од „Брако Булгарија“. Акциите ги купуваат Иво Велков Велев и Кочо Анѓушев од Орце Давчев, од Василчо Шалев и од Владе Гравчев. На истиот датум Анѓушев акциите му ги продава на Иво Велков Велев. Потоа на 27 декември 2012 година, менаџерот на „Брако Бугарија“, Иво Велков Велев, акциите ги продава на сингапурската компанија „Nayngandagar trade and investment“ приватна фирма со ограничена одговорност.
Но, за вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, беше објавувано и дека е во партнерски бизнис односи со офшор компанија од Белизе.
„Кочо Анѓушев и откако стана висок владин функционер не го открива вистинскиот основач на фирмата ’Макинвент’ со која неговата ’Фероинвест’ е во партнерски односи. БИРН пред две години се заинтересира за ’Макинвент’, откако дознавме дека во моментот кога Анѓушев се здружил со оваа компанија, нејзин сопственик била фирма со седиште во Белизе, офшор што гарантира дискреција на сопственичката структура на компаниите.
Мистериозната ’Макинвент’,’Феро Инвест’ на Анѓушев и фирмата на неговиот кум Митко Кржовски го сочинуваат конзорциумот ’Хидро Осогово’, кој управува со четирите мали хидроцентрали на цевководите преку кои вода добиваат граѓаните на Крива Паланка.
Во 2015 ги прашавме сите учесници во конзорциумот чија е фирмата од Белизе.
’Сопственик на фирмата од Белизе е бизнисмен од соседството, мој пријател, меѓутоа не можам да ви кажам кој е. Тој нема никаква врска со сите оние што во Македонија се поврзуваат со офшор-капиталот од Белизе’, тврдеше Анѓушев.
Кој е мистериозниот бизнисмен не откри ниту вториот партнер во ’Хидро Осогово’, Митко Кржоски, а сопственикот не го знаеше ниту човекот што управуваше и подоцна ја презема ’Макинвент’, скопјанецот Игор Секуловски.
’Не знам кој е газдата, иако мислам дека не е еден човек туку цела корпорација. Анѓушев ме замоли да бидам директор, бидејќи сум електроинженер. Не работам таму за плата, фирмата не е активна, освен во проектот со малите хидроцентрали’, изјави Секуловски за БИРН пред две години“, објавуваше Балканската мрежа за истражувачко новинарство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст