| четврток, 6 декември 2018 |

Народниот правобранител не смета дека девојчињата на училиште не смеат да одат забулени

Народниот правобранител ја осудува постапката на Министерството за образование и наука кое, како што наведува во реакцијата, со испратен допис му овозможило на директорот на Основното училиште „Братство и единство“ од Охрид да им забрани на ученички да посетуваат настава поради тоа што носеле шамија на главата и бара веднаш да им се овозможи да ја следат наставата.

– Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права предвидуваат и дозволуваат слобода на вероисповед и слобода на изразување на религијата, а според Конвенцијата за правата на детето, слободата на манифестирање на вероисповедта може да потпаѓа само под ограничувања предвидени со закон, а вакви ограничувања не се предвидени со Законот за основно образование и со останатите позитивни законски прописи, пишува Народниот правобранител во соопштението.

Додава дека е потребно доследно почитување на законите и задолжителна примена на наведените ратификувани меѓународни акти, како составен дел од македонскиот правен поредок.

– Ова дотолку повеќе што според Уставот на Република Македонија, законите мора да бидат во согласност со Уставот, како и сите други прописи, кои се темелат на законите, и секој е должен да ги почитува, наведува Народниот правобранител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top