| четврток, 6 декември 2018 |

Владата на Заев го дотепа здравството: Укината задолжителната обука во странство

Во парламентот во рамките на 12. седница донесени се измените на Законот за медицински студии и континуираното стручно усовршување на докторите. Овие измени, односно укинувањето на обврската на докторите за задолжителни обуки во странство, ги предложи владата на СДСМ.

Според Јагода Шахпаска од СДСМ причината за укинувањето на обуките во странство е затоа што тој проект не се покажал корисен и продуктивен.  Таа појасни дека со новиот закон обуките, стручното усовршување на докторите ќе се прават согласно потребите на јавната здравствена установа и оти ЈЗУ, ќе биде таа што ќе ги намири трошоците за обуките.

Покрај ова со предлогот се укинува обврската за полагање стручен испит по завршување на втора година студии, ангажирањето професори и користење стучна литература од странски универзитети, проверката на докторите кои имаат 25 години работен стаж, како и видеоснимањето на сите интервенции.

Новото законско решение ќе се применува за студентите запишани од 2014/2015 година,а оние од учебната 2013/2014 година ќе студираат по постојното законско решение.

Реакции за овие измени имаше на фејсбук-профилот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој посочи дека резултатите покажуваат дека над 2.000 лекари и стручен медицински персонал посетувале обуки во голем број реномирани здравствени центри и установи. Тие потоа во македонското здравство вовеле многу новини при лекувањето на пациентите. Истовремено овие придобивки се вклучени во стоте најуспешни проекти на ВМРО-ДПМНЕ.

На оваа тема во Парламентот реагираше Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека во здравството се случува хаос и оти новата Влада го прекинала најголемиот проект во здравството, изградбата на Клиничкиот центар.

Неговиот сопартиец Горан Манојлоски посочи дека специјалистите очекуваат СДСМ да го оствари ветувањето од 100.000 плата и праша колку специјалисти заминале во изминатите 3 месеци.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ исто така реагираше и посочи дека уште во првите 100 дена можело да се види неодговорноста во здравството, но и присуството на арогатноста во овој сектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top