Во вторник (19 септември) со почеток во 20 часот, во Музејот на град Скопје, ќе се отвори изложбата на академскиот уметник Антонио Аранѓелоиќ.
Изложбата „Чиј е мојот град?“ на Антонио Аранѓеловиќ е во организација на Центарот за промоција на култура и туризам. На самата изложба ќе бидат изложени триесеттина дела на овој млад автор.
Антонио Аранѓеловиќ е роден во Скопје, во 1986 година. Завршува средно уметничко училиште “Лазар Личеновски” на отсекот Графика во Скопје во 2004. На Ликовната Академија во Скопје се запишува во 2006 година, а дипломира во 2010 на отсекот Графика во kласата на Проф. М-р Мирко Вујисиќ. Во 2011 се запишува на постдипломски студии на Ликовната Академија во Скопје во област Графика кај Проф. м-р Мирко Вујисиќ. Магистрира во Мај, 2014 со магистерскиот труд ,,Куќичка на дрво”.
Од најрана возраст твори успешно во повеќе уметнички медиуми како што се ликовната уметност, стрипот, музиката, графичкиот дизајн и анимацијата. Во полето на ликовната уметност досега има остварено две самостојни изложби, првата во 2011 во Младинскиот Културен Центар каде беа изложени 28 дела (графики, цртежи и слики), а втората во Графичкото студио во Музејот на Град Скопје каде беа изложени 10 традиционални графики. Во полето на стрипот досега има издадено 3 изданија заедно со својот стрип партнер, Филип Алексовски. Станува збор за трите продолженија на сега веќе култниот стрип насловен ФАЦИЗАМ.
Во полето на музиката е познат како ТОНИО САН кое подоцна му станува уметничко име во сите области и уметнички и творечки медиуми, член е на култната хип хоп групација ЛЕГИЈАТА и дел од триото ГРИН АУТ (GREEN OUT) . Досега има издадено три соло албуми, два со својот бенд ГРИН АУТ, два албуми со ЛЕГИЈАТА и еден во коалиција со КЕМП О.Д.
– Изложбата претставува збир на цртежи и графички листови во различни техники кои се дел на неговиот долгогодишен творечки опус, а своевиден континуитет на она што го работи во сферата на хип хоп музиката и стрипот. Оваа изложба е доказ за творечката широчината која Антонио ја има, но и потврда за неговиот севкупен потенцијал како уметник”, пишува организаторот на изложбата Александар Ристевски од ЦПКТ.
– На изложбата насловена „Чиј е мојот град?”, Антонио Аранѓеловиќ прикажува цртежи и графички листови изведени во различни традиционални и комбинирани техники, при што хартијата е обединувачки носител на медиумот. Во ликовниот јазик со кој комуницира авторот, доминира сигурниот и снажен цртеж, препознатлив во суптилните тенки исцртувачки линии, но и во широките енергични потези кои го поставуваат пејзажот. Еднакво доминантна, покрај цртежот, е и графичката текстура која авторот ја создава со длабоко чувство за исклучителна естетска вредност. Во делата на Аранѓеловиќ се создава еден нов универзум на испреплетени случувања и напластена реалност. Преку навидум едноставна и лесна нарација тој ни ја претставува дуалноста на оваа природа, отворено спротивставувајќи ја надворешната форма со внатрешната: скриена и суштинска”, вели за авторот, Марија Ветероска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст