| четврток, 6 декември 2018 |

ЕП во Турција: Најдобрата кошарка се игра во Србија и Словенија

Во финалето на Европското кошаркарско првенство (ЕП) кое е во тек во Труција ќе се сретнат две селекции од поранешна Југославија. По вчерашната феноменална партија на Словенија против Шпанија, денеска местото во финалето го обезбеди и Србија, која славеше во полуфиналната пресметка со Русија со 87-79.

Србите одлично го отворија натпреварот, но Русите веднаш одговорија со серија од шест поени. Богдановиќ влезе во ритам и набрзина постигна седум поени за водство од 16-10, но на спротивната страна се разбуди Швед, па резултатот беше намален на 16-15. Со поените на Мициќ „орлите“ ја завршија четвртината со предност од 25-20.

Русите покажаа карактер, ги чекаа своите пет минути, па пред крајот на третата четвртина се вратија во полуфиналето. Откако со поените на Лучиќ Србија поведе со 57-41 следеше фантастична серија предводена од Фридзон (две тројки) од 11-0 за помалку од три минути, по што селекторот Ѓорѓевиќ беше принуден да побара тајмаут. По тајмаутот Србија постигна седум поени во низа, па дојде ред на рускиот селектор да побара минута одмор, при водство на противникот од 64-52.

Во последната четвртина Србија влезе со водство од 66-57, по што Русите набрзина постигнаа четири поени на стартот од четвртиот период. Гудуриќ со тројка ја прекина серијата, но потоа истиот кошаркар направи огромна грешка, губејќи ја топката, па правејќи неспортски прекршок. Србите одолеаја и поведоа со 75-65, но „зборнаја“ повторно со серија од осум поени, со тројката на Швед намалувајќи на 75-73 и принудувајќи го Ѓорѓевиќ на тајмаут.

При водство на Србија од 78-74 Русите промашија тројка, но затоа на спротивната страна прецизен беше Богдановиќ, зголемувајќи на 81-74 на сто секунди до крајот. „Зборнаја“ овојпат немаше сили за камбек, па Србија заслужено го доби овој одличен натпревар со 87-79.

Богдановиќ со 24 поени беше најефикасен кај Србија, пред Марјановиќ со 18 и Лучиќ со 13 поени, додека на Русите не им помогна ниту маестралното издание на Алексеј Швед, кој го заврши ова полуфинале со 33 поени и пет асистенции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top