| четврток, 6 декември 2018 |

Отворено писмо од Илија Димовски до Талат Џафери

Во име на сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Кoлицијата „За подобра Македонија“ сакам остро да регирам на грубите прекршувања на процедурите поврзани со донесување на Законот за употреба на јазиците кој што е во собраниска процедура спротивно на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија.

Недозволиво е во една демократска државата која што претендира да биде дел од НАТО и ЕУ грубо да бидат погазени и прекршени сите процедури и регулатви кои се наведени во Деловникот за работа на Собранието на Репбулика Македонија.

Во вашата намера побрзо да го донесете Законот за употреба на јазиците се прекршени повеќе членови од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија.

Го прекршивте член 118 став 4 од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Овој член јасно предвидува дека со одлука за основање на работни тела и анкетни комисии, се утврдува делокругот за работа и бројот на членови на комисиите.

Во Одлуката за основање на постојани работни тела која што ја има донесено Собранието на Република Македонија на 31.05.2017 јасно и прецизно е утврдена надлежноста на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во оваа одлука како надлежност на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е придвидено и правото на употреба на јазици и писма на заедниците. Според оваа одлука Законот за употреба на јазиците треба да се разгледува на оваа комисија како матично работно тело, а не на Комисијата за европски прашања.

Спротивно на оваа одлука и спротивно на Деловникот за работа на Собранието на Република Вие како матична комисија за разгледување на Законот за употреба на јазиците ја прогласивте Комисијата за европски прашања. Оваа Комисија никогаш досега не била прогласена за матична комисија за закон од ваков обем и ваква проблематика.

Го прекршивте член 135 став 4 во кој што е наведено дека кога предлог на закон содржи одредби со кој се врши усогласување со правото на ЕУ во воведот на Законот се наведуваат и податоци за изворниот акт на ЕУ, со полн назив број и датум.

Во воведот на Предлог законот за употреба на јазиците кој што е во собраниска процедура не постои и не е наведен никаков изворен акт на ЕУ со полн назив, број и датум, поради тоа што таков правен акт на ЕУ воопшто и не постои.

Со ваквата постапка го злоупотребивте европското знаеме само со една единствена цел, во многу краток рок да се донесе Законот за употреба на јазиците спротивно на деловничките одредби, праксата и регулативите.

Го прекршивте и член 136 од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Овој член предвидува дека доколку предлог законот не е подготвен во согласно со одребите на овој деловник, а овој Закон не е подготвен согласно член 135 став 4, предлог законот не може да продолжи во понатамошна постапка.

Бидејќи овој закон не е во согласност со одредбите од Деловникот, вие сте должен пред да го доставите до пратениците во рок од 15 дена да побарате од предлагачаот да ги отстрани сите недостаоци и да го усогласи согласно деловникот, а доколку предлагачот не го дополните предлогот на законот во рок од 15 дена се смета дека предлогот на законот не е поднесен.  Во изминатите 15 дена нити е упатено писмо од ваша страна до предлагачот за отстранување на недостатокот, ниту пак недостатокот е отстранет.

Ги прекршивте и членовите 139 и 140 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, каде што е регулирано дека и Законодавно-правната комсиија одржува општ претрес по предлог на законот во рамките на три дена. Законодавно-правната комсиија спротивно на овие членови по само еден ден дискусија наметна гласање.

Вакво грубо непочитување и кршење на процедурите не е видено досега во Собранието на Република Македонија. Да се прекршат сите процедури само за лични и партиски интереси е недозволиво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top