Членови на најблиското семејството, пријатели, колеги и студенти присустуваа денеска на комеморативанта седница во чест на Огнен Чемерски која се одржа во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ . За Чемерски и неговото дело говореа неговите колеги од Факултетот, студенти и колеги од Здружението на преведувачи и толкувачи.
Чемерски (42), почина на 25 август годинава. Тој беше преведувач, лектор и асистент на Κатедрата за англисκи јазиκ при Филолошкиот фаκултет „Блаже Κонесκи“ во Скопје.
Огнен Чемерски ќе остане запаметен како брилијантен ум, посветен наставник лектор и редок и страстен љубител на зборот кој го остави во наследство капитално дело „Моби Дик“. Како што велат неговите колеги тој јазично заплови по морињата што ги немаме и кои ни ги измисли, отворајќи ни цели светови за кои не сме биле нималку свесни“.
– Ваквите мигови се најтешки да се издржат, пред се за неговите најблиски. Со загубата ќе се справувавме долго. Огнен ќе ни недостасува во секој сегмент од факултетското живеење, на час, на кафе, на прослава. Во сите овие сегменти тој беше видлив и присутен – рече професор д-р Анета Дучевска, декан на Филолошкиот факултет.
Според д-р Калина Малевска-Гегај Чемерски ни покажа дека старата заборавена лексиска може да добие нив живот, збогатувајќи ја лексиката на современиот македонски јазик со оригинални решенија кои се надоврзуваат на стара подзаборавена лексика. Таа потсети дека Чемерски бил исклучително активен во преведување на стручна литература, учебници, белетристика, драми, поезија, статии.
– Кога ја примив веста за неговата смрт, помислив: Ова не е фер, ова нема смисла, нема никаква логига. Но, како што вели големиот поет Џон Милтон, кој кај Огнен предизвикуваше стравопочит, како може смртник да бара отчет од Бога кој присебе си го зема тоа што го сака и кога сака, а притоа не прашува? Како и да е, гневот за таа одлука уште не сака да си замине. Еден стар зен-мудрец има речено дека е голема радост да си учител, а уште поголема е да си ментор на ученикот кој сака да учи, а најголема е станеш ученик на својот ученик. Јас бев учител на Огнен и тоа ми претставуваше големо задоволство – рече професорот д-р Зоран Анчевевски.
За пријателството, приватно и професионално говореше неговата најдобра другарка од детството и колешка на Филолошкиот факултет, д-р Анастазија Киркова-Наскова.
– Со Огнен се познававме уште од основното образование. Со него дружбата секогаш беше многу забавна. Се разбиравме за се. Заедно ги делевме животните радости и кога ги премостувавме животните предизвици. Можеби најубавите мигови, професионално, ги поминавме кога си разговаравме за англискиот јазик – рече Киркова-Наскова.
Огнен Чемерски (42) средно образование завршил во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Со високо образование се стекнал на Универзитетот „Грејсленд“ во Ајова, САД, каде што студиите ги продолжува како добитник на целосна стипендија, откако првите две студиски години ги завршил на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ на Катедрата за англиски јазик и книжевност.
Уште пред дипломирањето се стекнал со првото преведувачко и наставничко искуство, кога му се објавени препеви од поезијата на Вилијам Батлер Јејтс, а за време на студиите во САД на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Грејсленд“ работел како тутор по предметот комуникациски студии и семиотика, при што им помагал на студентите, родени и странски говорители на англискиот јазик, да го совладаат материјалот од наставата во областа на комуникациските студии и семиотиката и да си ја унапредат способноста за пишување есеи.
Од 2005 до 2013 година бил ангажиран како надворешен соработник на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Од 2013 година работеше на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ како асистент по предметите теорија и практика на преведувањето, преведување од македонски на англиски јазик и обратно и симултано толкување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.