| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов го прими словенечкиот претседател на собранието Милан Брглез

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими Милан Брглез, претседател на Државниот збор на Република Словенија.

„На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словенија вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво, при што беше констатирано дека во континуитет двете земји негуваат пријателски односи, без отворени прашања, базирани на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план“, соопштија од Кабинетот на Иванов.

Претседателот Иванов изразил задоволство од добрата динамика на политичкиот дијалог меѓу двете земји и континуираната реализација на средби на високо ниво.

„На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Република Словенија за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО, како и за поддршката во однос на бегалската и мигрантската криза“, се вели во соопштението.

Исто така, Иванов изразил очекувања дека и во периодот што следува ќе продолжи соработката меѓу двете земји на планот на европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Во разговорите била посочена потребата за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји за што било констатирано дека постои голем потенцијал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top