| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто популацијата во Бугарија е на работ од пропаст?

Сега сме тринаесетмина. Останатите или се на гробишта или се по градовите. Напуштени сме од сите, и од власта и од Бога, вели Бојан. Тој додава дека на политичарите не им е грижа што Бугарија пополека исчезнува

Моменталната популација на Бугарија изнесува околу седум милиони жители, а се предвидува дека до 2050 година ќе опадне на пет милиони.
Бугарија е земја која има најбрзо намалување на популацијата во светот. Земјата веќе има загубено една петтина од популацијата од 1990-тите. Но, што значи сето тоа за оние кои остануваат во Бугарија?
Длабоко во бугарските рурални предели, во западната провинција Перник, новинарот на Би-би-си дошол до ретко откритие. Стојан Евтимов не е необичен поради везената традиционална волнена кошула, туку поради тоа што има триесетина години, а живее во село.
-Сите мои пријатели како што пораснаа така си заминаа уште одамна, вели тој.


Како и многу други млади Бугари и тие се преселиле во градовите во потрага по работа. Стојан, пак, себеси се смета за среќен што има вработување во мланинското село Пештера, водејќи ја неговата фолклорна пејачка група и организирајќи го годишниот музички фестивал во обид да ја заживее традиционалната свадбена музика, но и самото село.
Па сепак, дури и тој смета дека животот во селото е неодржлив. Не му се допаѓа тоа што на крајот и тој ќе треба да си замине.
-Тука, во селото, невозможно е да се најде жена за мажење, ниту пак во селата во околината, од едноставна причина што нема млади луѓе. Единствениот избор што ми преостанува е да заминам во блискиот град за да си најдам жена, вели тој. -Мене ќе ми биде многу тешко да го напуштам селото, но еден ден ќе морам да го сторам тоа, додава.
Бугарските села веќе со децении се празнат.
Кога по Втората светска војна комунистите го презедоа владеењето, тие воведоа колективно земјоделство и многу земјоделски работници најдоа работа во новите фабрики.
По падот на комунизмот, во 1989 година, колективните земјоделски задруги се распаднаа, па трендот на миграција од село во град стана уште поизразен.
Но, многумина не сопираат тука туку продолжуваат понатаму – си бараат работа во странство.
Вп 1989 година речиси десет милиони луѓе живееја во Бугарија. Денес се малку повеќе од седум милиони, а до 2050 година се предвидува дека бројот ќе опадне на пет милиони. Кон крајот на векот, популацијата би можела да опадне дури на половина од ова колку што е денес.
Овој егзодус придонесува за уште еден фактор за намалувањето на популацијата во Бугарија. Бидејќи голем број возрасни работоспособни луѓе си заминаа од земјата, и стапката на раѓање е многу ниска.
Последниот пат кога се родило бебе во селото, се присеќава продавачката Стефка – чиишто синови веќе се имаат преселено во градот – било пред една деценија. Девојченцето и мајка и денес живеат на Кипар, додава Стефка.
Најголемиот број луѓе кои ги услужува Стефка се постари од 60 години. Полиците во нејзината продавница се пополнети колку што е нужно, затоа што нема многу муштерии. Таа стравува дека еден ден ќе мора да ја затвори продавницата оти ќе нема кој да купува.
Повисоко во планината, селските продавници се веќе затворени, исто како и у~илиштата, а повеќе не вози ни автобусот.
-На времето во ова село имаше околу 600 луѓе, вели Бојан, 70-годишен старец кој живее во Калотинци. – Сега сме тринаесетмина. Останатите или се на гробишта или се по градовите. Напуштени сме од сите, и од власта и од Бога, вели Бојан. Тој додава дека на политичарите не им е грижа што Бугарија пополека исчезнува.
Во селото Смиров Дол, Станка Петрова – Баба Станка за оние кои ја познаваат, седи под дрвото покрај патот трпеливо чекајќи ја мобилната продавница која ја опслужува областа.
-Родена сум во ова село и го паметам кога беше преполно со луѓе. Тука беше убаво и забавно да се живее. Млади луѓе, стари луѓе, – се сеќава таа и вели дека местото каде што седи на времето било селското собиралиште каде што се играле традиционални ора и се пеело и свирело.
-Никого нема во селото, па се разбира дека и ништо не се случува, вели баба Станка. – На оваа улица, на пример, од каде што јас дојдов, во минатото имаше многу луѓе по куќите. Денес само јас живеам тука.
-Осамена ли сте?
-Секако дека сум осамена. Многу е тешко, вели баба Станка со солзи во очите.
Луѓето во Калотинци и околните села се снабдуваат со намирници од мобилната продавница која ги посетува три пати во неделата. Продавницата ја поседуваат сопружниците Атанас и Лили Борисови. Нивното комбе е добро опремено со се што треба – од леб и јогурт, до цигари и пиво, па дури и лекови. Веќе десет години не пропуштиле ден да заминат по селата, дури и зиме кога планинските аптишта се завеани од снег.
-Бидејќи се малкумина, со сите сме пријатели, па се обидуваме да им помогнеме со се што можеме, вели Лили. Но, таа додава дека куповната моќ на луѓето со текот на години опаѓа се повеќе, па оттука опаѓа и профитабилноста на нивниот бизнис.
-Се грижиме кога некој нема да се појави на вообичаеното место каде што се среќаваме за пазарување, вели Лили, -Особено во зима. Имавме и таков случај кога еден од муштериите го пронајдовме мртов.
Една од највообичаените глетки во рурална Бугарија се напуштени и запуштени куќи.
Владата се обидува да воведе мерки за зголемување на стапката на раѓање во обид да ја сопре депопулацијата. Владата нуди бесплатно вештачко оплодување, детски додаток и поддршка за купување имот. Исто така, ги охрабрува етничките Бугари кои живеат во странство да се вратат во земјата, но бегалци не се добредојдени.
Бугарскиот зџаменик премиер Валери Симеонов ја отфрла идејата бегалците да го поплнат просторот останат зад бугарските емигранти. Според СИмеонов, на Бугарија не и требаат ниту образовани мигранти.
-Тие имаат поинаква култура, поинаква религија, па и поинакви секојдневни навики, вели тој. -Фала му на Бога што Бугарија е една од најдобро бранетите земји од мигрантскиот бран во Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top