Претставници од коалицијата „Заедно за Струга“ денеска во Скопје на амбасадорите на САД и на ЕУ во Македонија, Пол Волерс и Аиво Орав, им доставија отворена покана да ја посетат Струга за, како што велат, одблиску да се запознаат со самоволието на градоначалникот Зијадин Села и со проблемите со кои живеат Македонците во општината од денот на изборите до денес.
– Во Струга се врши потполна мајоризација и дискриминација по етничка основа. И покрај фактот што Македонците се речиси два и пол пати повеќе во градот од сите етнички заедници кои живеат во Струга, и покрај фактот што нашата коалиција е најголемата советничка група во Советот на општина Струга, Македонците во Струга не можат да партиципираат во креирањето на стратегиите за развој и просперитет во својот град – изјави Ѓоко Илоски, советник во Општина Струга од редовите на коалицијата „Заедно за Струга“ пред просториите на ЕУ-инфо центарот во Скопје.
Тој посочи дека во неколку наврати разговарале со градоначалникот Села барајќи од него да излезе од „тесноетничките окови“ и да се откаже од намерата да ги маргинализира Македонците во Струга, бидејќи првиот потег што како градоначалник го направил е разрешување на единствениот македонски раководител на јавно претпријатие во општината на чие место поставил човек од редовите на македонските Албанци.
– Недозволиво и непринципиелно е да владеат двојни аршини за централната и локалната власт, кога се во прашање рамноправната и еднаква застапеност на етничките заедници. Оттука мора да посочиме дека во Струга не се почитува духот на Рамковниот договор, она за кое што и меѓународната заедница повикува во изминатиот период. Она што Зијадин Села го прави во Струга, мајоризација и етничко надгласување, е спротивно на сите демократски принципи кои со години се применуваат во Македонија, рече Илоски.
Тој посочи оти граѓаните на Струга се уште веруваат дека градот може да биде пример на меѓусебно почитување и разбирање на различните етнички заедници и оти двајцата дипломати со нивниот авторитет и заложби за меѓуетничко и меѓуверско почитување на сите етнички заедници ќе придонесат за намалување на етничките тензии во Струга.
– Ние сме подготвени да ги преземеме сите демократски чекори да го запреме ова недемократско и политички некоректно однесување на градоначалникот на Струга, Зијадин Села. И затоа ве покануваме, со вашето присуство и реални ставови да придонесете за подобар живот на граѓаните, каде законите ќе важат за сите подеднакво во нашата општина. Тоа се вредности кои важат во Македонија како и во секоја демократска држава и недозволиво е еден човек да создава тензии и да го нарушува соживотот во Струга, рече Илоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.