| четврток, 6 декември 2018 |

Сириската војска ја проби опсадата на воздухопловната база во Деир ез Зор по три години (видео)

Сириската армија ја проби блокадата на воздухопловната база во Деир ез Зор, пренесуваат руските медиуми од теренот.

Елитните одреди на сириската војска под команда на генералот Захредин Сухел го пробиле обрачот околу воената база на истокот на градот Деир ез Зор по цели три години.

„На 9 септември, по масивен воздушен напад од страна на руското воено воздухопловство, сириските владини сили го скршија жестокиот отпор на терористите на ИСИС во областа околу воениот аеродром југоисточно од Деир ез Зор“, се вели во соопштението на сириското министерство за одбрана.

Претходно сириската државна телевизија јави дека нафтеното поле Тејм било ослободено од терористите на Исламска држава (ИСИС, Даеш). Источниот дел на Сирија е област богата со нафта.

Силите на претседателот Башар Ал Асад ја продолжуваат офанзивата против терористите во неколку делови од Деир ез Зор сѐ уште под нивна контрола. Војската е наводно многу блиску до ослободување на градот, кој е едно од последните упоришта на ИСИС во Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top