| четврток, 6 декември 2018 |

Промена на возниот ред на повеќе автобуски линии на ЈСП

Со почетокот на новата учебна година се менуваат возните редови на 16 автобуски линии, и тоа: 3б, 22, 65в, 58, 11, 12, 47а, 55, 55а, 58а, 61, 63, 64а, 164, 165, 165б. Измени постојат и во термините на поаѓање на одредени линии, како и димензионирање и воведување нови и утврдување на соодветната должина на сите градски линии во двете насоки изразени во километри. Во предлог-одлуката стои дека по барања и предлози на корисниците на јавниот превоз за подобрување на квалитетот на услугата ќе се донесат овие промени. Во согласност со димензионирањето и предимензионирањето, целосно нови возни редови има на следните линии: 3Б, 22, 65В, 58. Исправка на одредени термини на поаѓање е направена на следните линии: 12, 11, 47а, 55, 55а, 58а, 61,63, 64а, 164, 165 и 165б.

Главна интервенција ќе има кај линијата 22, која се движи од Волково до Транспортен центар, на која ќе се воведат уште две нови возила.

Поголеми измени ќе има и кај линијата 65в, која се движи од Транспортниот центар до селото Стајковци и планирано е оваа линија да се зголеми за 1,3 км, односно до крајот на селото Стајковци. Сепак, за да се реализира ова продолжување ќе треба да се изгради терминалот.

Автобусот со бројот 58 ќе има зголемена траса, односно наместо од Транспортниот центар до Сопиште, автобусите ќе се движат до Долно Соње.

Измените кај другите линии кај кои ќе се врши интервенција главно се однесуваат на измени на поаѓањето. Кај 3б, која сообраќа од Кванташки пазар до комплексот „Панорама“, има поместување во поаѓањата од пет до десет минути.

Промената кај другите автобуски линии е најчесто кај поаѓањето, за да им се излезе во пресрет на корисниците што имале проблем со префрлање на автобус или со доцнење на работа.

Измените и дополнувањата се за да се задоволат барањата на корисниците на јавниот превоз, ќе се подобри квалитетот на превозот, а со тоа ќе се зголеми бројот на корисници на јавниот градски превоз и ќе се подобри и рентабилноста, се вели во предлог-одлуката.

За туристичката линија што води до Матка со бројот 60 сѐ уште останува нејасно дали сообраќа до крајот или само до селото Глумово, бидејќи на веб-страницата на ЈСП на списокот на скратени линии не стои таква информација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top