| четврток, 6 декември 2018 |

ЕЛЕМ: Тендерот за набавка на гумени траки за РЕК Битола не е завршен

АД ЕЛЕМ денеска информира дека тендерот за набавка на гумени траки за РЕК Битола не е завршен и оти двете досега одржани аукции се поништени по жалбите на другите учесници во наддавањето. Од ЕЛЕМ истакнуваат дека следната недела ќе се одржи ново наддавање.

– Во врска со тендерот за набавка на гумени траки за РЕК-Битола во кој се споменува фирмата „Фероинвест“ сакаме да ја информираме јавноста дека за тој тендер досега се одржани две аукции, на кои, бидејќи набавката е поделена на три дела, најповолна цена понудиле три фирми, меѓу кои и Фероинвест. Аукциите потоа се поништени по жалби од други учесници во наддавањето, така што следната недела ќе се одржи нова аукција за овој тендер, велат од АД ЕЛЕМ.

Од компанијата посочуваат дека постапката за сегашниот тендер е почната во мандатот на претходното раководство на АД ЕЛЕМ. Првата електронската аукција е одржана и поништена во текот на тој мандат, втората е одржана и поништена по доаѓањето на новото раководство, а следната недела ќе се одржи јавно наддавање по трет пат.

„Фероинвест“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев добил тендер од 2.6 мил. евра во ЕЛЕМ

Во соопштението се наведува дека претходното и сегашното раководство на АД ЕЛЕМ за фирмата „Фероинвест“ првично утврдиле дека има дадено најповолна цена само за еден дел од пакетот за набавка на гумени траки, додека за другите два дела од пакетот утврдено е дека најповолни понуди дале правни лица од Бугарија и од Полска.

– Сакаме да информираме и дека фирмата Фероинвест и во изминатите години, во одредени периоди, набавувала дел од потребната количина на гумени траки за РЕК-Битола, услуга која што ја извршувале и други фирми од земјата и од странство, стои во соопштението од АД ЕЛЕМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top