| четврток, 6 декември 2018 |

Нè очека зголемување на цената на струјата и до 50%!?

Јавноста сè погласно зборува дека со новиот закон за енергетика кој се подготвува од Владата предводена од СДСМ, се предвидува либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинставата. Но, проблемот е што свесно се манипулира со терминот „либерализација“ и тој кај граѓаните создава привид дека се работи за нешто што ќе доведе до пад на цените на струјата. За жал, фактите и исуствата од земјите во ЕУ кои веќе го вовеле овој закон зборуваат спротивно. По либерализација на пазарот следи големо покачување на  цените на струјата, кое во некои земји-членки на ЕУ достигнува и 60%.

Резултатите од компаративната  научна анализа спроведена од тим на научници под раководство на проф. д-р Михаел Хелдвег и д-р. Мартен Арентсен, од  Факултетот за менаџмент и општествени науки на Универзитетот во Твенте, во Холандија, која ги анализира ефектите врз пазарот на потрошувачка на електрична енергија по либерализацијата во земјите на ЕУ, покажуваат дека со либерализацијата на пазарот на електрична енергија во период од неколку години неминовно доаѓа до покачување на цената на електричната енергија и до 60% во одредени држави.

Авторите на трудот „Ефектите од либерализацијата на пазарот на електрична енергија во ЕУ“ нотираат дека според економската логика со либерализацијата на пазарот на електрична енергија за домаќинствата би требало да се очекува да се намалат цените, но во проактиката тоа не се случува.

Во анализата се потенцира дека во повеќето земји од ЕУ по либерализацијата на цените следело покачување од минимум 10%, а во некои процентот одел и до 60%.

Во Белгија по една година цената пораснала за 22.1%, во Грција по две години цената пораснала за 59.6%, во Ирска по три години цената скокнала за 30.2%, во Холандија за истиот период цената пораснала за 35.8%. Во Шпанија, пак, за истиот период цената скокнала за 36.5%.

Земајќи ја предвид ситуацијата во земјите од ЕУ, кои по либерализацијата се соочиле со големо покачување на цената на електрична енергија, доаѓаме до заклучок дека со либерализацијата која ја планира Владата на СДСМ неминовно ќе донесе покачување на цената на електрична енергија, прашање е само колкав ќе биде процентот на зголемување.

Цената на електричната енергија во земјите од ЕУ е 2.5  пати повисока од цената во Република Македонија. Во нашата држава цената на киловат-час електрична енергија е 5 денари, а за истото количество електрична енергија жителите на земјите-членки на ЕУ плаќаат 12.5 денари. Либерализацијата би можела дополнително да го стимулира растот на цената во насока на европскиот просек, а тоа ќе претставува сериозен удар врз буџетот на македонските граѓани.

Познавачите на состојбата во енергетиката во нашата држава за нашата редакција тврдат дека со ваквиот чекор на Владата ќе профитираат само малите фирми. Фирмите со по два-тројца вработени ќе успеат да добијат лиценца за увоз на електрична енергија. Ќе книжат големи приходи на грбот на граѓаните, кои ќе треба да ги плаќаат и до 60% повисоките сметки, што неминовно ќе придонесе за зголемување на стапката на сиромаштија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top