| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ преку ДИК ќе го спречува изјаснувањето на граѓаните за Стратегијата за мигрантите

Охрид, Куманово, Кавадарци, Битола, Прилеп, Кочани, Радовиш, Гази Баба, Карпош, Ѓорче Петров, Центар, Аеродром, Неготино, Дојран, Богданци, Гевгелија и Штип, се 17-те општини во кои граѓаните бараа референдум.

Државната изборна комисија (ДИК) ќе се обиде да расправа за мигрантите и одржувањето на референдуми, кои според барањата на иницијативата „Будење“, поради кратење на трошоците, добро е да се одржат на истиот ден како и првиот круг од локалните избори.

Толкувањето на членовите на ДИК било дека нема технички можности за такво нешто, што е сосема неоправдано, бидејќи одржувањето на локалните избори со себе повлекува инфраструктура и техничка поддршка и логистика, која треба да се искористи и за одржувањето на референдум против одлуката на владата за доселување на мигранти.

Очигледно исплашени од исходот, СДСМ реши преку ДИК да ги минира референдумите. Поддршката за одржување на референдум од граѓаните е се поголема, иако советниците на СДСМ на седниците одржувани токму по ова прашање низ општините во земјава гласаат против можноста граѓаните да имаат право да се изјаснат дали се ЗА или Против населување и вработување на мигранти во нивната општина.

Таков беше и примерот вчера кога советниците на СДСМ на седницата во општина Центар гласаа против ставање на дневен ред на точката за распишување на референдум за населување на мигранти во општина Центар.


Советниците на СДСМ од Куманово, град во кој веќе 27 години владее СДСМ, гласаа против граѓански референдум и изјаснување на кумановци на референдум за планот на Владата за градење на згради и населби за мигрантите, како и нивно вработување.

 

За разлика од нив прилепчани на 15 октомври покрај избор на градоначалник и членови на Советот на општината, ќе гласаат и на референдум за доселување на мигранти во нивниот град. Од 27 советници, 15 од ВМРО-ДПМНЕ гласале ЗА, додека останатите од СДСМ останале на седницата, меѓутоа не гласале за оваа точка. Дека не им е важно за последиците кои можат да се случат со населувањето на мигрантите во земјата покажаа и советниците од општина Гази Баба кои ја напуштија седницата на која се одлучуваше дали се ЗА да се распише референдум за населување на мигрантите. Во оваа општина со 15 гласа „ЗА“ советот одлучи да распише референдум по ова прашање.

И советниците во Битола го бранеа акциониот план на Заев за мигранти, гласаа против референдум во нивната општина. Сепак, советниците на ВМРО-ДПМНЕ издејствуваа во Битола да има референдум. Со 15 гласа ЗА од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и со 9 гласа против од советниците на СДСМ е донесена одлука за распишување на референдум и изјаснување на граѓаните по ова прашање.

Дека според СДСМ референдумот не смее да се случи покажа и примерот во општина Радовиш каде советниците на оваа партија не гласаа ЗА граѓаните сами да одлучуваат дали мигрантите да се населат во Радовиш. Но, пораката од овој град е јасна, граѓаните на Радовиш на референдум ќе одлучуваат дали сакаат да се населат мигранти во нивниот град. На седницата на Советот присутни беа 17 од 19 советници, од кои 9 гласаа ЗА да се одржи референдум, сите од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, додека 8 беа воздржани.

„Дали се за или против населување и интеграција на мигранти на територијата на општина Гевгелија“, граѓаните на оваа општина ќе имаат можност да одговорат со ЗА или Против, имено гевгелиските советници на вонредна седнацица со 11 гласови ЗА четири воздржани ја изгласаа одлуката за распишување на референдум за населување на мигранти во оваа општина. Четворица советници на СДСМ гласаа воздржано. Останатите четворица советници ја напуштија седницата.

Советот на Општина Аеродром на 73-та седница донесе одлука да се распише референдум во врска со прашањето за населување и интеграција на мигранти на територијата на Општината, која за жал не ја поддржаа советниците на опозициската советничка група на СДСМ.

Волјата на граѓаните е на прво место, и карпошани на референдум ќе се изјаснат за населувањето на мигрантите. Со со 12 гласа „за“ и штипските советници ја изгласаа одлуката за распишување на референдум против населувањето на мигрантите.

По долга дискусија од час и половина советот на општина Кочани гласаше против населување на бегалци и странци во градот и ја усвои одлуката за распишување референдум. Советниците од ВМРО – ДПМНЕ им порачаа на своите колеги од СДСМ дека и тие треба да прифатат референдум за гласање за стратегијата за бегалци, бидејќи тоа е важно за сите граѓани на Кочани.

Со осум гласа „ЗА“, ниту еден глас против и тројца воздржани гласови Советот на општина Неготино изгласа одржување на референдум за да се изјаснат граѓаните дали се „ЗА“ или „против“ населување и интеграција на мигранти во нивниот град.

Дека налогот на Заев и СДСМ дека не смее да се одржи референдум за населување на мигрантите се спроведува во сите општини јасно покажаа постапките на советниците од оваа партија кои или гласаат против или се воздржани или пак ги напуштаат седниците кои се одржуваат по ова прашање.

Од ВМРО – ДПМНЕ порачаа дека СДСМ не смее да врши притисок врз ДИК со цел комисијата да го попречува одржувањето на локалните референдуми против мигрантите. Потенцираат дека референдумското изјаснување на граѓаните е највисок облик на непосредна демократија, во кој секој граѓанин на непосреден начин може да го искаже својот став по однос на определено прашање. Тоа ќе биде можност граѓаните да се изјаснат дали се за населување на мигранти во нивната општина според владината стратегија за населување на мигранти 2017-2027 година. Во Охрид, Ѓорче Петров, Дојран и Богданци наскоро ќе се одлучува по ова прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top