| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов се сретна со државниот МНР на Јапонија Накане

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Претседателот, е изразено задоволство од позитивниот развој на билатералните односи.

– Претседателот Иванов посочи дека за продлабочување на соработката во сите области за кои постои неискористен потенцијал од двете страни, неопходен е континуиран и поинтензивен политички дијалог, средби и контакти на сите нивоа. Македонскиот претседател изрази задоволство од отворањето на Амбасадата на Јапонија во Република Македонија и го поздрави првиот резидентен амбасадор на Јапонија, Кеико Ханеда, се наведува во соопштението.

– Бидејќи политичките односи се развиваат одлично, по отворањето на Амбасадата во Скопје очекуваме засилена економска соработка и поголем интерес на јапонските комапнии, истакнал на средбата претседателот Иванов.

Во таа насока, претседателот Иванов го поздравил и формирањето на јапонско-македонската парламентарна група за пријателство и изразил надеж дека  засилената  парламентарна соработка ќе придонесе за зголемен интерес на јапонската бизнис заедница за Република Македонија и поволностите што ги нуди.

На средбата, двајцата соговорници искажале интерес за севкупно унапредување на меѓусебната соработка на билатерален и мултилатерален план.

– Јапонија многупати досега го има потврдено пријателството кон Република Македонија, а ние сме многу благодарни за континуираната поддршка преку јапонската техничка помош, како и донациите во хуманитарна помош кои помогнаа за справување со мигрантската криза минатата година, истакнал на средбата претседателот Иванов.

Македонскиот претседател изразил очекување дека наскоро ќе биде склучен и Договорот за техничка соработка,  за кој верува дека ќе отвори нови врати на позасилена соработка.

На средбата се разгледани и можностите за продлабочување на соработката во сферата на образованието, при што е изразен интерес за зголемување на бројот на стипендии за македонските студенти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top