| четврток, 6 декември 2018 |

ДНК тест откри дали Пилар Абел му е ќерка на Салвадор Дали

Мајсторот на надреализмот, еден од најзначајните уметници на 20 век, нема деца и други наследници

Пред неколку месеци Пилар Абел (62) од Каталонија побара ексхумација на телото на Салвадор Дали и земање ДНК примероци за да се утврди дали славниот шпански сликар ѝ е татко.

Судот нареди ексхумација и на 20 јули беа земени примероци од останките на Дали. Фондацијата на Салвадор Дали вчера ги соопшти резултатите.

„Резултатите од ДНК тестот покажаа дека Пилар Абел не му е ќерка на Салвадор Дали и таа не е во крвно сродство со него“, соопштија од Фондацијата.

Абел, која за себе вели дека е видовита и се занимава со „читање судбина од карти“, тврдеше дека мајка ѝ имала афера со славниот уметник.

Ексхумацијата беше извршена далеку од очите на јавноста и присутните мораа да ги остават мобилните телефони на влезот во Музејот на Дали во Фигерес каде е погребан сликарот кој почина на 23 јануари, 1989 година.

Ако беше потврдено татковството, Абел ќе добиеше околу 25% од наследството на екцентричниот уметник што сега ѝ припаѓа на државата Шпанија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top