| четврток, 6 декември 2018 |

Ванковска: Колку и да е млада, Царовска треба да знае каде ѝ е местото

„Иако млада, министерката Царовска мора да го знае местото, односно поделбата на централната и локалната власт. Министер нема што да им објаснува на советници кои прашања не заслужуваат одговор – дури и ако навистина локалниот референдум е од ваков вид. Локалната самоуправа е една од темелните вредности на уставниот поредок – и тоа министер мора да го почитува“, ѝ порача професроката Билјана Ванковска на министерката за труд и социјала Мила Царовска, која вчера присуствуваше на седницата на Советот на Општина Битола.

На седницата, според дневниот ред, предвидено донесување одлука за распишување на референдум на кој граѓаните би се изјасниле „Дали се за или против отварање на прифатни центри и создавање на услови за населување и интеграција на бегалци и мигранти на подрачјето на општина Битола?“.

Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија ниту ќе се градат станови за нив, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Таа им сугерира на советниците дека треба да бидат одговорни и одговорно да ја користат говорницата во Општината, а потоа не дочека да ги сослуша во целост прашањата на советниците и ја напушти седницата, бидејќи како што истакна, истекло времето согласно нејзината агенда.

Им беше дадена шанса да ми постават прашања и јас на крајот од нивните прашања да дадам децидни и прецизни одговори. Ниту едно прашање конкретно не ми беше поставено, целосно се дефокусираше дискусијата, се обиде да се замајува јавноста пред камерите, но никако немав конкретно прашање кое можев да го одговорам. Ние сме за референдум како алатка за граѓаните да се изјаснат за и против некое прашање што ги засега нивните животи во дадена општина, но не да се користи тоа во тек на локалните избори, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Наспроти тврдењата на министерката Царовска дека не и биле поставени конкретни прашања и дека не и била дадена можност да се обрати од говорницата, советниците од ВМРО-ДПМНЕ децидни дека до министерката беа доставени конкретни прашања на кои се бараа конкретни одговори.

„Министерката носи стратегија во време кога Македонија се уште функционира во услови на криза, кога имаме војска и европска полиција на граница. Си носи стратегија со која пренесува порака до меѓународната заедница и мигрантите како заканата веќе да завршила, а другите кои се противат на тоа ќе ги обвинуваме за ксенофобија. Ќе беше убаво министерката да го донесеше и Дејан Ивковски, претставникот на министерството во управувачкиот комитет, да објасни дали е информиран претседателот на државата за вашите потфати за носење на стратегијата и акцискиот план, за што е обврзан според член 19 од законот за управување со кризи. Дали е информиран управувачкиот комитет за кризна состојба, на што како министерство сте обврзани според член 17 од законот за управување со кризи и дали на тој начин сте прекршиле закон и сте ја загрозиле безбедносната состојба на Република Македонија? Дали вашата стратегија значи дека Владата од 1 јануари 2018-та, да ја повлече Армијата на РМ од границите, да ги откажеме меѓународните полицајци и сите среќно да живееме со, како што рековме, 15-тина барања за азил годишно во услови на тоа кога цел свет се мобилизира?“, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Благој Шаклевски.

„Дали мигрантите доаѓаат од безбедни територии на ЕУ и НАТО? Зошто би доаѓале тука? Објектите за сместување на мигранти се предвидуваат во или многу блиску до населени места, спротивно на комитетот за управување со кризи и одлуките на Советот за безбедност. Дали со тоа кршите одредени членови од законот? Ако Хрватска одби, зошто Македонија да прифати?“запраша советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски.

На тврдењата на министерката реагираше и претседателката на Советот, која изрази жалење што Царовска не успеа во целост да ги сослуша советниците, а посочи и дека доколку нејзиното присуство беше навремено најавено, сигурно тоа ќе беше земено предвид.

Барањето за одржување на референдум доаѓа по собирањето на потписи од граѓанската иницијатива „Будење“, кои како што истакнаа, повеќе од 4 илјади граѓани досега се потпишаа на оваа иницијатива и побараа да се изјаснат на референдум по однос на тоа дали се за или против населување и интеграција на бегалци и мигранти на подрачјето на општина Битола.

.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top