| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Зелениково станува атрактивна општина за живеење и инвестирање

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денес беше во посета на општина Зелениково. Во разговор со градоначалникот беше констатирано дека општината бележи голем развој изминатиов период.

-Може да се види дека веќе е завршен патот помеѓу Орешани и Зелениково. Освен овој пат се изгради и патот меѓу општините Петровец и Зелениково кој дава јасна перспектива на развој на општината и на развој на транспортните коридори. Тука се изградија и други патишта и се реши проблемот со снабдувањето со електрична енергија односно донесување на далекувод кој ја заврши ерата на постојано паѓање на струјата правење на многу проблеми и на граѓаните во домаќинствата, но и на индустриските капацитети. Во оваа општина се формираше индустриска зона со околу 30 парцели од кои 17 се продадени. После изборите ќе продолжи трендот на продажба на локации за изградба на индустриски капацитети од незагадувачка индустрија. Општината е многу атрактивна и за живеење, се повеќе луѓе се доселуваат има и викендици, но се повеќе има индустриски капацитети, истакна Груевски.

Тој потенцира дека со градењето на овие транспортни коридори се јавува уште поголема перспектива за општината.

Градоначалникот на Зелениково го информираше Груевски дека е во завршна фаза на изготвување на урбанистички план за 7 населени места што е многу важно за луѓето кои живеат и работат тука за да можат да планираат развој понатаму.

Во Зелениково е предвидена и зона за домување од над 100 локации за куќи, дел од проектот „Купи куќа за млади“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top