| четврток, 6 декември 2018 |

Законот за јазици е смоквин лист за покривање на политичкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ

Законот за употреба на јазиците влезе во собраниска процедура. Собраниската Комисија за европски прашања вчера на седница да го разгледа новиот предлог-закон за употреба на јазиците, во прво читање. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара да се повлече европското знаменце од текстот на овој предлог-закон за да може да има поопширна јавна дебата, но мнозинството не го прифати ова барање. Не беше беше усвоено ниту барањето на неговиот сопартиец Илија Димовски оваа комисија да ја прекине расправата и за овој предлог-закон прво да заседаваат матичната комисија за политички систем, како што секогаш досега било практика.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во процедурални забелешки бараа да се одложи расправата по предлог-законот и да се почитуваат сите процедури. Според нив, европското знаменце служи за покривање на немањето дебата и кршењето на Уставот со оглед на тоа што тоа не се усогласува со ниту една законска регулатива или регулатива од ЕУ. Побараа да се отвори јавна дебата со учество на експерти и невладини организации за да се дојде до заедничко решение.
Барајќи да се повлече законот за јазици, Антонио Милошоски истакна дека се злоупотребувало европското знаме во партиски цели. Милошоски истакна и дека во ниту еден од осумте позитивни извештаи на ЕК за напредокот на Македонија во кои беше препорачано да започнат преговорите за членство во ЕУ не е наведен како услов ваков закон за двојазичност. Милошоски истакна дека овој предлог-закон нема допирна точка со усогласувањето со која било европска директива и регулатива и оти за тоа, како што рече, говори фактот што при неговото предложување не е наведен изворен акт на Европската Унија со која тој би се усогласил. Побара доколку постои некаква таква регулатива таа да се наведе со полн назив и датум.

Барам да се повлече законот бидејќи е спротивен на Уставот и сите законски прописи. Барам министерот за правда да каже со кој акт или европска директива се усогласува законот. Барам и присутните дипломати да кажат кој е актот со кој се усогласува законот. Ставањето на европското знаме е само смоквин лист за покривање на неуставноста и да се избегне дебата. Ги криете партиските интереси зад европското знаме. Овој закон го крши Уставот и се шверцува под знамето на ЕУ. Ова не е предлог-закон за употреба на јазиците, туку предлог закон за употреба на албанскиот јазик, рече Милошоски.

За усвојување на дневниот ред, Милошоски побара поединечно гласање затоа што, како што рече, поединечна е и одговорноста за донесување на вакво законско решение.

Пратеникот Илија Димовски, пак, кој побара да се прекине расправата во Комисијата за европски прашања и предлог-законот да се закаже за расправа во матичната комисијата, односно во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, и потенцираше дека и незакажувањето на седница е грубо кршење на Деловникот. Тој смета дека така би биле запазени процедурите, а законското решение ќе има сеопфатна дебата.

Комоцијата на тенкото мнозинство од 62 пратеници не е дозвола за кршење на процедурите. Прв пат во историјата во овие 27 години македонски Парламент не е закажана матична работна комисија. Како мислите да воспоставите право во неправна постапка? Сакаме да ги чуеме аргументите, зошто да се брза неговото донесување? Ние предлагаме сеопфатна дебата и решение што ќе ги задоволи сите, не само албанската туку и другите седум заедници во државата, рече Димовски.

Пратеникот од ДУИ, Џевад Адеми истакна дека дебатата за албанскиот јазик не завршува тука, а на пратениците од опозицијата им порача дека текстот на законот бил ист и пред 29 јануари, а тогаш за нив не бил противуставен.

Министерот за правда Билен Саљији во образложението на законот истакна дека Владата е одлучна на патот на изградбата на Македонија како општество на рамноправни граѓани, развивајќи ги сите опции на соживот и остварувањето на граѓанските права и слободи.

– Основната цел на законот е примената на уставните амандмани во врска со еден законски текст во однос на употребата на јазикот кој го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија, рече Саљији, додавајќи дека со ова законско решение се уредува и употребата на јазиците на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти.

Пратеникот и претседател на Комисијата за европски прашања Артан Груби од ДУИ истакна дека ова решение е последниот нормативен дел кој произлегува од уставните амандмани донесени по Рамковниот договор.

Ние пратениците од сите политички партии од опозиција и од позиција свесни сме дека законот кој ќе го донесеме ќе го заокружи легислативниот дел кој произлегува од Охридскиот договор и кој на никој начин не го прекршува ниту Уставот, ниту унитарниот карактер на државата, рече Груби.

Со законот за употреба на јазиците се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо (албански јазик).

Со оглед на тоа дека овој предлог закон за употреба на јазиците е со европско знаменце, дебатата може да трае најмногу 3 дена, заклучно со завршувањето на работното време во четврток. Потоа истиот оди на пленарна седница, од каде што треба да се врати во Комисијата за европски прашања на второ читање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top