https://www.youtube.com/watch/default.jpg" /> https://www.youtube.com/watch/0.jpg" /> https://www.youtube.com/watch/1.jpg" /> https://www.youtube.com/watch/2.jpg" /> https://www.youtube.com/watch&hl=en&fs=1&rel=0&autoplay=1" /> https://www.youtube.com/watch&hl=en&fs=1&rel=0&autoplay=1">
| четврток, 6 декември 2018 |

Со Заев го допревме дното! Не ја даваме својата татковина Македонија!

Алдо Климан

Копнееме по здрава демократија и вистинска правна држава. Ова што ни се случува е лудило, хаос и насилство над разумот и над правото и правдата.

Зоран Заев со неколку остри, брзи предавнички, неуставни и незаконски, авторитарно и на своја рака повлечени потези, однадвор и одвнатре ги матира Република Македонија и македонскиот народ. Но таа нагло вивната „ѕвезда опашарка Заев” интензивно согорува пред наши очи и бргу ќе ја снема од ова политичко небо! Време е да си го вратиме човечкото и национално достоинство и нормалниот општествен живот во својата татковина.

За изградба на убава, цврста, стабилна и функционално хармонична зграда „што ќе допира до облаците”, со која и во која ќе бидат пресреќни сите нејзини корисници, а надворешниот свет ќе запира пред неа за да је гледа, да ја проучува како највисока културолошка и општествена доблест и да и’ се восхитува, а потоа за неа и за нејзините вредности и нејзината посебност да раскажува надалеку – е потребен врвен архитект, исклучително надарен, поткован со највисоки стручни знаења од архитектурата, градежништвото и од разни други мултидисциплинарни области, длабоко запознаен со историјата на архитектурата и со нејзините најважни развојни фази, појави и дострели во минатото, како и со нејзините најактуелни современи трендови и насоки во светот, и пред се’ човек умен и разумен, стрплив и трпелив, што за таа сложена задача со почит и со доверба е одбран од луѓе рамни на себеси во секоја смисла, човек способен да презема и да се носи и со најтешка индивидулана одговорност за проектот, но и сосема отворен, толерантен и готов за инспиративна колегијална работа со голем и комплексен тим соработници од најразновидни специфични сфери, за сите заедно да ја остварат највисоката градителска цел – убаво, респектабилно, функционално и на секој начин препознатливо архитектонско дело.

Таков благороден уметник, архитект-градител, никогаш не брза хистерично веќе наредниот ден по преземањето на обврската, без долгоречен и јасно, во секоја насока проучен и обмислен прецизен план, да натрупа арматури, бетон и цигли, „па што испадне”, туку пред воопшто и да ги направи првата скица и првиот постудиозен нацрт и да го започне својот проект, доаѓа на самото место на планираната градба за да види in situ што има таму од старите културолошки наслојки и објекти, не за утредента да довлечка багери и булдожери, грубо да ги урне и да ги срамни со земја за да направи нова амбиентална tabula rasa на која со него и со неговите идеи ќе започне светот, туку затоа да види на кој начин би можел тие стари вредни објекти и наслојки да ги вгради во својата творечка визија, или дури тој самиот авторски да се вгради во творечката визија на своите претходници, и не само да ги поврзе во природен континуитет времињата минати и сегашни, туку и да им ја искаже заслужената почит на бројните генерации градители кои со иста таква одговорност и грижа настојувале да го облагородат и да го осмислат просторот со убавина, функционалност, духовност и други хуманистички вредности

Така е и со државата. За изградба на убаво организирана, достоинствена, здрава, цврста и стабилна, функционална држава по мера на човекот, потпрена врз долгите, столетни и милениумски општохуманистички но и посебни национални искуства, држава пред која со восхит ќе го задржуваат својот здив и својот поглед соседните и најдалечните земји, пријателите и оние што не се тоа, за да се чудат и да се восхитуваат на таа единствена општествена градба, до подробности обмислена и најрационално и праведно структурирана за задоволување на сите сопствени животни и граѓански потреби, но и за успешна надворешно-политичка комуникација и соработка и соодветна врамнотежена економска размена со надворешниот свет – за изградба на таква држава е потребен навистина голем, пред се’ исклучително општопризнаен чесен и достоинствен човек, со никаква морална, етичка, или не дај Боже криминална дамка или каква и да е друга срамотна афера и дубиоза на својот општествено-политички и граѓански лик; умен државник, водач со визија и со најреспектабилно знаење, особено од сферата на политиката и политичката економија, човек на кој на прво место му се идеалите на доброто, просперитетот и достоинството на татковината и на неговиот народ, човек што одлично ги познава и највисоко ги вреднува длабоката национална историја и култура врз чии темели, поставувани низ епски драматични луњи и невремиња е создавана и создадена државата, човек за кој на сите им е познато дека има својство на освестен хуманист и космополит, но пред се’ и над се’ голем непоколеблив патриот кој никогаш, под никакви условувања, закани и уцени во интерес на туѓи државни, политички, воени или криминални интереси, нема да ги предаде и да ги продаде највисоките национални вредности и стојности на својата држава и на својот народ.

Таков благороден државник не се јавува како ѕвезда опашарка која доаѓа од никаде, болснува само кратко, преку ноќ, со брзинска револуција и преврат, и особено не денес, во 21 век, кога народните социјални и други револуции се најдалечно историско минато, а пак новите се само дизајниран, бојадисан (портокалов, розов или „шарен”) производ на обмислени и најбогато финансирани меѓународни заговори. Тој и таков благороден човек расте постапно во својот народот и со својот народот, вреднувајќи го секој свој човек, секој поединец, без оглед на националност, раса, политичко, верско или какво и да е друго определување, но вреднувајќи го и секое драго камче, секоја нежна тревка, секоја дробна капка вода на својата земја и секое и најмало делче на своето сакано небо. Таков човек се вика патриот и може да се овенча со титулата државник, зашто не е само помоден подлизурко на некои и на нечии минливи егзибиционистички и авантуристички идеи однадвор, туку вистински претставник на својата држава и нација, подеднакво модерен и актуелен во своето и во сите наредни времиња.

Таков благороден државник кога ја презема власта, најнапред се опкружува, не со распашана тајфа сомнителни и кримогени типови прибрани кој од каде, туку со најврвни стручњаци од сите области, независно од нивната партиска, политичка или каква и да е друга припадност и определеност, непоткупливи, професионално проверени и докажани во домашната и меѓународна јавност, со истите оние високо морални, етички и хуманистички својства што го красат и него самиот, далеку од секоја примисла на каква и да е криминална или антидржавна дамка и сенка на својот граѓански лик.

Таквиот државник-домаќин седнува со тие свои најодбрани соработници, длабински ги проучува претходните текови во државните работи, внатрешни и меѓународни, до последниот цент се запознава со постојните финансиски прилики и очекувања. Заедно со својот тим ја констатира општата состојба во државата, а кога таква реална слика е создадена, официјално и’ се обраќа на јавноста и со сето тоа ја запознава, зацртувајќи ги основните назнаки за целите и за натамошниот развој на општествено-економските планови што треба да се спроведат, и достоинствено бара и од народот со општ консензус да го поддржи во тие настојувања, стоејќи зад нив со својата одговорност. Но тоа не е возможно да се направи како во експрес-лонец, во најкус можен рок од неколку дена, па нека се и 100 дена, но во секој случај создавање на таа и таква длабинска објективна слика не е возможно преку ноќ. Тоа подеднакво важи и за меѓународните односи.

Затоа само сосема хистеричен човек, неразумен и апсолутно неспособен да ја врши највисоката власт во државата, како квислиншкиот премиер Зоран Заев, веќе наредниот ден по доаѓањето на тоа место, по неотповикливите налози на своите бројни надворешни и домашните големоалбански уценувачи, на своја рака итно превзема најрадикални внатрешни и меѓународни потези и активности, манијакално брзајќи да ги реализира од денес до утре, „зашто се нема време”, божем веќе наредниот ден ќе влеземе во НАТО и ќе ги започнеме преговорите за прием во ЕУ. Според таквото хистерично однесување и невидено панично забрзување на сите најважни и највитални процеси во државата за кои секогаш е потребно соодветно време и општ национален консензус, веднаш се виде неговото тотално политичко лудило и избезуменост, неговиот најприземен, „шарен” уличарски дилетантизам, но пред се’ и над се’ до крај се разголи неговиот најбеден предавнички карактер од самото морално дно.

За жал, токму ова, најлошото, најстрашното, најбедното не’ задеси нас во Македонија со појавата на Зоран Заев.

Околу однадвор издизајнираната и импортирана „шарена револуција”, за која веќе знаеме се’, се насобра најразличен свет, од оние обични, па и добронамерни, чесни, но излажани и заведени луѓе, само желни за квалитетни општествени промени, до ултра-левичари, полу-левичари, пара-левичари, анархисти, љубопитни денгуби, па оние сосема дезориентирани и животно неуспешни типови, „бунтовници без причина”, лудаци, неранимајковци, насилници, уверени и неуверени социјалдемократи и шовинистички интриганти, од „наднационални”, „надвременски” и „надграѓански” будали и тепајмајковци до најобични уличарски штеточини, и особено до оние бескрупулозни дебели кариеристи, кариеристи од сите видови, што во тие матни води си ја почувствуваа својата единствена, прва и последна шанса за брз лов на кожени фотелји и работни места. Да се урива „режимот”.

Личност бр. 1 која можеше до крај да го исхистеризира и да го обедини сето тоа „шаренило без придавка” беше безобѕирниот и подмолен социопатски и криминален водач Зоран Заев, уценет од разни страни и на разни начини, и готов на се’, особено на безочно предавство. За него апсолутно никогаш нема да има поинакви зборови, а времето и народот ќе му судат, нему и на неговата предавничка клика, до последниот (нека не се лажат дека ќе има оправдувања со „партиска заповедна одговорност” и слични глупости), зашто со неколкуте најстравотни, вртолумни деструктивни потези, и само во неколку дена, Заев тотално и најбедно ни ја понижи нацијата, ни ја расшрафи државата, ни ја раздаде татковината на меѓународниот дивјачки алчен панаѓур, и не’ фрли на коленици.

Со Зоран Заев го допревме дното. Го видовме и тоа најцрно црно зло во сиот негов бес и разурнувачко лудило. Така не постапуваат благородни градители и архитекти на државата, така не се гради ништо, така само се урива и се уништожува создаденото од генерации и генерации вредни луѓе. Овој најстрашен национален стрес што го доживеавме и што сеуште секојдневно го проживуваме поради неговото лудило и предавство е клучен момент за целосно разбудување! Сега ни е навистина доста!

Крајно време е силно да се оттурнеме од тоа дно до кајшто, давејќи не’ безмилосно, не’ потона Зоран Заев, и додека сеуште имаме здив во душата и сила во телото енергично да изнурнеме, да испливаме на површина од овој мрачен и болен хаос на самоуништување, да вдишеме нова надеж и да си го вратиме човечкото и национално достоинство и нормалниот општествен живот во својата татковина Република Македонија.

Македонија е рајска градина – затоа така безмилосно и безобѕирно се грабаат да ни ја земат!

Но душата на македонскиот народ е нашиот најголем и неуништлив потенцијал.

Бескрајно да си ја сакаш татковината – тоа е нешто најнормално, најчовечко и најубаво.

Бескрајно да си го сакаш својот народ – тоа е нешто најблагородно и најсвето.

Бескрајно да си го сакаш својот мајчин јазик – тоа значи да си ја сакаш својата божествена дарба, својата Песна над песните!

Да сториме се’ и да дадеме се’ од себе за да не дозволиме подмолни грабежливци да ни го откраднат сето тоа и да го уништат – тоа е најголемиот дедовски и татковски завет што не можеме и не смееме никогаш да го изневериме и да го препуштиме на ваквата зла судбина што и’ ја наменил Зоран Заев со својата предавничка клика и со своите големоалбански партнери.

Послушајте го овде нашето топло македонско срце како чука. Зарем ќе дозволиме тоа да ни го одземат и да ни го уништат? (Јордан Митев: „Изгрејсонце во Македонија”  https://www.youtube.com/watch?v=mpgPCmuIn_I ).

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top