| четврток, 6 декември 2018 |

Првите специјалци на ЕВН седнаа во училишните клупи

Во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје почна школската година за првата генерација ученици во специјалната паралелка на ЕВН.
За оваа паралелка креирана е специјална наставна програма, која ја подготвија тимовите на училиштето, експерти од ЕВН Македонија и Министерството за образование. Учениците ќе здобиваат знаење од областа на електротехниката и во нова целосно опремена училница за нивните потреби. Со оваа паралелка почна и процесот на дуално образование, кое треба да создаде обучен специјализиран кадар, кој веднаш по завршувањето на образованието ќе биде подготвен да работи во ЕВН.

Ова е денот што долго го очекувавме. Сите напори и идеи конечно добија епилог – рече г. Штефан Петер, претседател на управниот одбор на ЕВН Македонија, при посетата на училиштето по повод почетокот на функционирањето на специјалната паралелка. – Стартува учебната година за 20 млади луѓе, кои треба да се здобијат со вештини и знаење, кои ќе им го отворат патот до работното место. 20 најдобри во 2020 година кога ќе го завршат своето образование ќе бидат веднаш вработени и ќе заработуваат почетна плата од 20.000 денари. Денес им посакуваме успешен почеток и им порачуваме да се посветат на учењето, да покажат резултати, да се поддржуваат меѓу себе, да научат да работат тимски, да соберат знање и теоретско и практично и по три години ги очекуваме во нашата компанија – истакна Петер.

Претседателот на управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер им посака успешна учебна година и на сите 168 ученици во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје.

Ефтим Пејовски, директор на СЕТУГС „Михајло Пупин, изрази благодарност за подршката, која ЕВН Македонија ја дава на електротехничкото училиште и образовниот процес во нашата земја.

– Тимот на професори, претставници на министерството за образование и експерти од ЕВН цело лето работеа на усогласување на наставната програма според потребите на учениците, училиштетето и компанијата – посочи Пејовски. Според него ова е можност за младите луѓе која што никој досега ја нема понудено.

-Од денес се менува образовниот процес во Македонија. За прв пат се создава услови за образовен процес кој ке продуцира кадар кој веднаш по образованието може да работи во стопанството. Ова е единствена можност, да се запишете во училиште, успешно да го завршите и да ве чека работно место со добра плата во еминентна компанија како што е ЕВН е сон на многу деца и родители – истакна Пејовски.

Во новиот кабинет, според новата специјално дизајнирана програма, која е усогласена со Министерството за образование на РМ, ќе се обучуваат идните електричари и електромонтери. Целта е подготовка на ученици, кои ќе можат директно да се вклучат во работниот процес уште за време на нивното средно образование. Ова се принципите на таканареченото дуално стручно образование и обука што е веќе успешна приказна во Австрија, Германија и Швајцарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top