| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за пропаганда на СДСМ нарачало контра писмо од Институтот за македонски јазик за да го оправда законот за двојазичност

Во недостаток на вистина, издржаност и аргументи, Заев наредил на вработените за лаги и пропаганда во СДСМ барем да сеат забуна меѓу граѓаните, па со цел „затворање на дупките“ е и инсистирањето на став со поддршка од Институтот за македонски јазик за закон со кој му се штети на македонскиот јазик. Нелогично, но кога е СДСМ во прашање, не е воопшто чудно

Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова – Грујовска свикала итен состанок со дел од вработените кои се големи поддржувачи на СДСМ за да изготват стратегија, од која треба да произлезе афирмативно писмо во одбрана на двојазичноста што планира да ја воведе СДСМ во Македонија, дознава „Република“.
Наши извори потврдуваат дека состанокот се одржал на барање на високи партиски функционери кои го раководат т.н. „министерство за пропаганда“ на СДСМ, во кое се вработени десетици поранешни невладини граѓански активисти и има цел да ги релативизира лажните ветувања и катастрофалните национални политики на СДСМ, партизацијата и неспособноста за раководење со власта.
Ваквата панична реакција на СДСМ и неговите извршители во Институтот, вели нашиот извор, доаѓа по приговорот на текстот на Предлог-законот за употреба на јазиците што го поднесоа две професорки од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Симона Груевска – Маџоска и Александра Ѓуркова, кои побараа Предлог-законот да биде даден на јавна расправа.

Александра Ѓуркова и Симона Груевска – Маџоска

Според Груевска – Маџоска и Ѓуркова, Предлог-законот за употреба на јазиците го крши Уставот на РМ и излегува од она што е договорено со Охридскиот рамковен договор и се надеваат дека Владата нема да ја следи претходната со избрзано донесување закони и дека ќе успее да ги постави вистинските приоритети за што поскоро застанување на здрави нозе на нашата држава за доброто на сите.
„Бараме повлекување на Предлог-законот во интерес на организирање поширока јавна дебата во врска со употребата на сите јазици во РМ и начините за соодветна правна регулатива соодветно на Уставот на РМ и на законите што ја опфаќаат оваа материја, зашто со овој Предлог-закон се крши и Уставот на РМ и се додаваат измени кои воопшто не се предвидени со Охридскиот рамковен договор“, стои во приговорот испратен до до Кабинетот на премиерот, до Генералниот секретаријат на Владата на РМ и до Собранието на РМ .
Кадрите на СДСМ во Институтот не можеле сами да состават такво писмо, па побарале помош од највисоки функционери во Министерството за правда, со кои одржале состанок надевајќи се дека во недостаток на стручно-научни аргументи своето писмо ќе го поткрепат барем со правни аргументи и на тој начин ќе го побијат ставот на Груевска-Маџоска и Ѓуркова.
Ниту правниците од Минситерството за правда, вели нашит извор, не успеале да ја реализираат намерата на Минситерството за пропаганда, па македонистите на СДСМ добиле празни флоскули наместо цврсти аргументи: поради европското знаменце прилепено на законот, тој ќе биде донесен во брз рок, законот не навлегува во идентитетска промена на македонскиот народ.
СДСМ се уште трага по македонисти и правици кои ќе можат да состава издржано, но и допадливо констраписмо кое ќе одекне во јавноста посилно од писмото на Груевска-Маџоска и Ѓуркова.

Планот Ц

Пропагандистите на СДСМ имаат и план Ц, односно директорката на Институтот да одржи состанок со министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој според нивни проценки имал најдобар пи-ар тим. Но, човек во очај постапува очајно – па така прекутрупа било побарана средба на која Алаѓозовски со помош на Петрит Сараќини, Никола Наумоски, Ѓунер Исмаил, Мирослав Грчев и останатите „истакнати интелектуалци“ од ресорот култура ќе размислуваат каква лага да му се сервира на народот, кој има веќе цврсто креирана перцепција дека законот за двојазичност е не само штетен, туку и неуставен.
Поради зафатеноста на Алаѓозовски состанокот бил презакажан за следната недела.
На СДСМ му гори под нозете, па брза да го подготви теренот на граѓаните да пласира колку што е можно повеќе лаги, забуни и дилеми за Законот за јазици, за да не изгради црвст критички став дека законот е противуставен.
На неговата правна неиздржаност алармираа и бројни професори како Гордана Силјановска, Билјана Ванковска, Тања Каракамишева и други.

Ветувањето на сегашната Влада беше дека пред да пристапи кон донесување на Закон ќе ја консултира пошироката стручна јавност. Тоа не се случи. Ова би го окарактеризирала како право во границите на политиката наместо обратно. Мислам дека е вака, затоа што со закон не можете да смените, ниту да дополните Устав тој мора да има уставен основ, за жал, овој закон ги надминува уставните рамки и е надсвор од рамковниот договор, вели професорката по Уставно право и политички систем Гордана Силјановска – Давкова.

 

Професорката Билјана Ванковска, еден од интелектуалци кои редовно ги коментираат политичките случувања во Република Македонија, со жесток тон преку својот Фејсбук профил им се обрати на сите замолчени стручњаци, експерти, професори сегашни и пензионирани, и од правниот факултет на УКИМ, но и од другите низ државата.

„Ако Правниот факултет (на УКИМ), но и сите останати правни факултети низ државава, не се произнесат ЈАВНО, ГЛАСНО и ИТНО околу неуставноста на предлогот на Закон за јазиците, тогаш и не треба да постојат! Нека се самораспуштат, бидејќи се’ што отсега натаму ќе треба да им го кажуваат на студентите ќе биде лага и фарса, а не наука и занает. Тука ги вбројувам и пензионираните професори, кои се’ уште молчат. За жал, и дел од студентите на овие факултети се веќе пратеници (законодавци!) и аминуваат политички уцени и небулози, кои не само што водат до разградување на државата (политичката заедница) како таква, туку и до укинување на правниот систем. Се разбира, ова е само последната капка во веќе преполната чаша на хибридни неуставни решенија, кои во себе немаат никаква правна филозофија и логика, ами се политички решенија во рамки на меѓународен стејтбилдинг.“

Под флоскулата заокружување на легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, според Каракмишева- Јовановска, всушност, се крие вистинската потреба на потегот да се донесе нов закон за јазиците со кој ќе треба да се овозможи практична и официјална двојазичност на цела територија на РМ. Не случајно, додава таа, Села како коалиционен партнер во владата на Заев се заканува дека ќе излезе од владината коалиција ако истиот не биде донесен во првите 100 дена од формирањето на владата.

Ако во тој закон не е содржано значително унапредување на употребата на албанскиот јазик на цела територија на државата, тогаш албанските партии немаше толку силно да притискаат за негово донесување пред локалните избори во земјата. Јавна тајна е дека тој закон произлезе од Тиранската платформа како постизборно барање на албанците за кое барање Заев даде недвосмислена подготвеност дека ќе го реализира без никаква заддршка.Еве доаѓа време за исполнување на барањето. Прашање е како сега Заев ќе маневрира или како Заев планира да ескивира од даденото ветување. Иако странците повторно трчаат на помош и „гаснат оган“ во владината коалиција прашање е како амбасадорите мислат да ја гаснат јавноста кога токму таа ќе стане свесна што се им прифатил Заев на коалиционите партнери, и на каков противуставен дил се согласил. Дилот на Заев, да не се лажеме, значи практично на мала врата буткање на двојазичноста на цела територија на државата под завесата дека со тоа се заокружува Охридскиот рамковен договор, вели Каракамишева-Јовановска и додава:

Законот за двојазичност е единственото лепило кое во моментов ја држи оваа влада во целина и јасна е намерата на Заев да го донесе по секоја цена иако општата јавност е свесна за неговата штетност со која се крши уставниот поредок на Република Македонија, нешто што Заев се заколна дека нема да го прави кога ги потпишуваше гаранциите кај Ѓорѓе Иванов за да добие мандат за креирање влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top