| четврток, 6 декември 2018 |

Се гради новиот Луна Парк во Скопје (фото)

Со капиталниот проект за изградба на нов забавен парк на Град Скопје, кој почна да се реализира пред три месеци, скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк.

Увид во текот на градежните работи денеска извршија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

По три месеци од почетокот на градежните работи на новиот Луна парк денеска правиме увид во градежните работи, односно како тие се одвиваат. Очекуваме забавниот парк да почне да функционира од почетокот на новата година, а може и порано, доколку се поволни временските услови. Градот Скопје има распишано тендер и има избрано изведувач, кој пред три месеци почна да ги изведува градежните работи во паркот. Тоа значи подземна инсталација или инфра структура, што подразбира фекална канализација, атмосферска канализација, водоводна и електрична мрежа под земјата. Исто така, оваа градежна фирма којашто е избрана треба да направи партерно уредување на целиот парк, покрај тоа ќе ја изгради и влезно-излезна партија, објекти за администрацијата, тоалети и други придружни објекти, за што се издвоени околу 100 милиони денари и очекуваме сите овие работи да бидат завршени до крајот на оваа или почетокот на следната година. Градот, исто така, распишан тендер и избра двајца добавувачи за 7 реквизити коишто треба да набават и монтираат од добавувачот, како и да се пуштат во употреба, а целосната одговорност за нивното функционирање е на добавивачите. Во првата фаза од проектот ќе се постават адреналински, полуадреналински и 3 детски реквизити, како и еден воз на шини, а вредноста на оваа инвестиција е околу 130 милиони денари. Се очекува овие реквизити да пристигнат до крајот на годинава, а да се монтираат на почетокот на следната година. Некои реквизити се веќе во магацините на овие добавувачи и се чека потребната документација за нивна монтажа и бидејќи ова е прв забавен парк во Република Македонија со вакви реквизити, ние сме во консултации со Министерството за економија и инспекторати за да ги добиеме сите потребни документи за безбедноста и функционирањето на овие реквизити. Вкупната инвестиција за реализација на овој проект, односно за градежните работи, набавката на реквизитите и нивното монтирање е околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Дополнително ќе се набавуваат реквизити и во следните години во рамките на овој износ од 6,5 милиони евра, односно и во текот на 2018, 2019 година , а може и во текот на 2020 година. Очекуваме овој парк да почне да работи на почетокот на следната година и жителите на Скопје да почнат да го користат.-истакна градоначалникот Трајановски.

Во новиот забавен парк во Скопје ќе бидат поставени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и други забавно-рекреативни содржини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top