| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто сум таму и зошто токму сега?

Драги Димитриевски

Подолго време размислував да изразам свое видување на случувањата во оваа наша единствена татковина Република Македонија, преку писмено обраќање во пишаните медиуми. Сметав дека можам да дадам свој скромен придонес за состојбите во областите во кои професионално сум ангажиран, а пред се во земјоделството. Меѓутоа, настаните се движеа побрзо од моите размислувања за пишување па така се случи да бидам повикан да станам дел од промените кои се најавија и се случуваат во најголемата политичка партија во РМ во ВМРО-ДПМНЕ. Станав член на новиот Извршен комитет.

Идејата за мое јавно обраќање не ме напушти, но темата на која овој пат се обраќам е со друга причина. Имено, поводот и мотивот за оваа колумна дојде како резултат на мојот нов ангажман. Нов во политиката, иако не сум нов член на партијата. Како член на партијата ги надминав изненадувањата и прашањата од типот „што ти треба оваа работа?“ на мои блиски пријатели, колеги и познаници, пред околу 20 години. Деновиве, после мојот избор во највисокиот извршен орган на партијата добивам исти, слични па дури и со појак интензитет прашања за тоа „што ти треба ова токму сега?“. Па еве за сите кои имаат одредени сомневања за мојот ангажман сакам да споделам свои видувања зошто токму сега.

Да не Ве оптеретувам со состојбите кои се случуваа во последниве две-три години во РМ зашто се добро познати на сите, но сепак морам да ја споменам оваа криза, бидејќи неа лежи и една од главните причините зошто сум таму каде сум.

Го прифатив ангажманот во време кога кон партијата се насочени сериозни закани од повеќе страни (опозициски, надворешни па дури и внатрешни). Закани кои верувам дека ќе имплицираат и закани за државата ваква каква што ја имаме денес.

Во чудни околности, иако победник на последните парламентарни избори, партијата не формираше влада и премина во опозиција. Во такви услови вообичаено ослабнува внатрепартиската енергија и активностите, која состојба комбинирана со силниот притисок од кризата во последниве години и впечатливиот притисок од сега воспоставената власт, сериозно влијаат на идните настани кои треба да и се случат на РМ, а во кои на ВМРО-ДПМНЕ би му се ослабнал капацитетот за сериозно спротивставување и спречувањево спроведувањето на сценарија неповолни за нас како народ и држава. Затоа во вакви услови потребни се кадри кои ќе делуваат обединувачки,  ќе даваат нови идеи, активно ќе бидат ангажирани и ќе ја вратат и зголемат енергијата во активностите и делувањето во сите сегменти на работењето во партијата. Веројатно многу полесно е да се влезе во партијата и да се стане член на орган на партијата ако таа беше на власт. Но ова е период кога ќе се диференцираат оние кои споделувале идеи од целите и задачите на партијата запишани во нејзиниот Статут и програмски документи и останатите кои преку партијата гледале од друга перспектива. Затоа, во вакви моменти на неизвесност јас прифатив ангажман, со цел директно да придонесам со работа во враќање на партијата таму каде што и е местото – да ја предводи власта во државата. Да бидам директен учесник од внатре, а не да дебатирам на разни седенки во бескрајно празни муабети за тоа како треба и што е тоа што треба да се промени.Промените се нормални во демократски партии и сметам дека и ВМРО-ДПМНЕ, како демократска партија не бега од истите и е во фаза на отворање на процесите кои ја подготвуваат партијата за победа и на претстојните локални, како и на идните парламентарни избори. Постојат скептици во оваа насока но тука сме да им го докажеме спротивното.

Тука сум за да дадам еден нов пристап во комуникациите со сите членови внатре во партијата, но и надвор од неа кон народот од сите социјални, национални, верски па и политички структури. Интензивни се моите комуникации со сите нив, градени на односи на заемно почитување и уважување. Сметам дека на најголемиот дел од нив на прво место им е Македонија и не споделуваат идеи кои водат до нејзино разградување, како и обезличување на македонскиот народ. „Македонија е се што имаме“, напиша поранешниот претседател на РМ Киро Глигоров. Денес го слушаме овој наслов на делото на Глигоров како парола на новиот премиер, но дали навистина ќе ја почитува? Врвни македонски политичари од осамостојувањето до денес, градеа односи со не толку наклонетото соседство, се со цел да ја зачуваат Македонија и македонскиот јазик и нација. Со нивните огромни искуства, авторитет и капацитет, преговараа, градеа односи но не паметам дека така лесно пристапија кон прифаќање и потпишување на договор кој по многу нешта и укажувања на ценети експерти од разни области ќе нанесува штета на државата и нацијата на долг рок.

Тука сум да својот 30-годишен професионален развој во областа на земјоделството, го ставам во функција на градење на политики со кои ќе обезбедиме пристоен живот на нашите земјоделци и на населението кое живее во руралните средини. На таа структура која од секогаш е една од најранливите, една од најсиромашните, но структура која го бранела македонскиот идентитет и ја градела македонската држава. Со работа да им вратам за нивната „селска мака“, и за најголем дел од нашите па и мои предци.Да му помогнам на делот од најчесното и највредно население, кое долго време било запоставувано, а кое произведува храна за сите нас во државата. ВМРО-ДПМНЕ и во двата циклуса на практицирање на власта докажа дека силно ги поддржува земјоделците, посебно во периодот после 2006 година кога конечно изгради системски мерки на политики за подршка со буџет кој порасна за цели 25 пати во однос на претходниот период, со заокружување на легислатива која овозможува спроведување на современи земјоделски и останати политики во функција на земјоделцитеи изгради институции кои ќе овозможат прилагодување со политиките на ЕУ, кон која интеграција и пазари тежнееме како наша стратешка определба. Тука сум да поттикнам на продолжување на таквите политики и да бидам коректор на сето она што се навестува од новата влада за напуштање на ваквите политики и враќање во некое друго време.

Е па драги мои роднини, пријатели другари: Јас одлучив да прифатам да бидам член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, да бидам дел од новите членови на овој орган и едно од новите лица во највисоките структури на партијата. Да бидам дел од реформите во сите сегменти на партијата. Да ги ставам моите професионални и останати капацитети во градење на политиките на партијата и да придонесам за збивање на нејзините редови, за нејзино целосно враќање таму каде припаѓа – кај народот. Да и го зголемиме капацитетот на партијата за одбрана на државата и нацијата. И на крај, за да победиме на наредните избори – најпрво на локалните во октомври, а потоа и на идните парламентарни.

И како последно но не помалку значајно:Драги мои роднини, пријатели, другари и сите останати кои ме познавате,доколку ги споделувате моите ставови и верувате во моите чесни намери, Ве повикувам да ни се придружите и сите заедно пријателски, другарски и патриотски да застанеме во зачувување на татковината и сите нејзини вредности!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top