Се менуваат возните редови на 16 автобуски линии и тоа: 3Б, 22, 65В, 58, 11, 12, 47а, 55, 55а, 58а, 61, 63, 64а, 164, 165, 165б.
Измени ќе има во термините на поаѓање на постојните возни редови на одредени линии, ќе се воведат нови возни редови на некои линии, ќе се изврши димензионирање на одредени линии, како и ќе се утврдува соодветната должина на сите линии во двете насоки изразена во километри. Новите измени на 16-те линии ќе важат од први септември.
– Измените и дополнувањето на Одлуката се засновани на информации добиени од граѓани – корисници на јавниот превоз, барања од наши корисници за подобрување на квалитетот на превозот, предлози добиени од средби со граѓани од урбани заедници, врз основа на податоци од снимања на линиите и анализирање на податоци од системот за АВЛ и Смарт тикетинг, се вели во предлог-одлуката која на усвојување пред градските советници.
Согласно димензионирањето и предимензионирањето, нови возни редови се направени на следниве линии: 3Б, 22, 65В, 58. Корекција на одредени термини се направени на следниве линии: 12, 11, 47а, 55, 55а, 58а, 61,63, 64а, 164, 165 и 165б.
Главна интервенција ќе има кај линијата 22 која сообраќа од Волково до Транспортен центар. На оваа линија ќе се изврши предимензионирање, односно ќе се воведат уште две нови возила. Поголеми измени ќе има и кај линија 65В која сообраќа од Транспортен центар до село Стајковци. Оваа линија е во план да се продолжи за уште 1,3 км или до крајот на селото Стајковци. Сепак, за да се реализира ова продолжување ќе треба да се изгради терминалот, од чија изведба ќе зависи дали и овие измени ќе стартуваат од први септември.
Продолжување на трасата ќе има и кај 58. Наместо од Транспортен центар до Сопиште, автобусите ќе возат до Долно Соње. Останатите измени кај другите линии кај кои ќе се врши интервенција главно се однесуваат на измени на поѓања. Кај 3Б, која сообраќа од Кванташки пазар до комплекс Панорама, има поместување во поаѓањата од пет до десет минути. Кај останатите автобуски линии има промена најчесто кај едно поаѓање, која промена се појавила од потребата да им се излезе во пресрет на граѓаните кои се пожалиле дека за неколку минути доцнат на работа или не може да го фатат следниот автобус за префрлање.
-Со предложените измени и дополнување дадени со оваа одлука цениме дека ќе се задоволат барањата на корисниците на јавниот превоз, ќе се подобри квалитетот на превозната услуга, а со тоа ќе се омасови користењето на возила во јавниот градски превоз и ќе се подобри и нивната рентабилност, се вели во предлог-одлуката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.