Сите активности кои во моментов ги преземаат политичките партии, вклучувајќи ги и кампањите на Интернет, се подразбираат како редовни партиски активности, бидејќи во моментов се уште нема учесници во изборна кампања, објаснува во интервју за МИА претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски запрашан за предвремените кампањи што на социјалните мрежи веќе ги водат некои партиски кандидати за локалните избори.
– ДИК согласно Законот има надлежност да одлучува по поднесен приговор за непочитување на одредбите со кои се забранува предвремено започнување на изборна кампања и ДИК во изминатиот период и во другите состави постапувала по такви приговори и дури имаме случаи каде што се уважувани приговорите и соодветно е постапувано, изјави Чичаковски.
Според Изборниот законик, посочува тој, за изборна кампања се смета секое јавно собирање или други јавни настани организирани од страна на учесник во изборна кампања.
– Ние во моментов се уште немаме учесници во изборна кампања и сите активности кои се преземаат се подразбираат како редовни партиски активности и затоа не е исполнет тој услов за да може да се санкционираат овие активности затоа што тие се сметаат како редовни партиски активности, рече претседателот на ДИК.
Предвремената изборна кампања, како што вели тој, ДИК може согласно овие законски одредби да ја санкционира само во периодот од потврдување на кандидатски листи или кандидатури на кандидати за градоначалници до денот на започнување на изборната кампања.
– Рокот за поднесување на кандидатските листи е до 14 септември, а во моментот се уште немаме ниту една поднесена кандидатура, рече Чичаковски.
Појаснува дека за изборна кампања се смета јавно истакнување на плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно медиумско и Интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали јавно, истакнување на потврдени кандидати на надлежни изборни органи.
– Ние имаме надлежност да санкционираме предвремено започнување на изборна кампања преку Интернет претставување, меѓутоа проблем е тоа што не постои јасна регулативна за следење на интернет порталите од страна на Агенцијата за медиуми како надлежно тело за мониторирање на медиумите. Затоа е многу тешко да се обезбедат докази и соодветно да се санкционираат доколку после потврдување на кандидатските листи, а пред започнување на изборната кампања имаме предвремено започнување на изборна кампања, истакна Чичаковски.
Во однос на тоа дали треба да има измени во изборното законодавство во делот на Интернет кампањите, Чичаковски вели дека треба да се направи компаративна анализа и да се види дали постои некое подобро решение за македонскиот политички и медиумски контекст, иако лично смета дека постојната регулатива е добра основа и е потребно минимално дорегулирање на периодот од распишување на изборите до потврдување на кандидатите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст