| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ ќе поднесе пакет закони по скратена постапка, бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА


Пратеничката група на СДСМ пред почетокот на собраниските седници, што треба да се одржат идната недела ќе поднесе пакет закони што ги опфатат предлог-законите за минимална плата, за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, како и регулативата за укинување на радиодифузната такса.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев денеска информираше дека за овие закони поддршка побарал и од опозицските ВМРО-ДПМНЕ и од Беса. „Очекувам овој пат, интересот на граѓаните да биде пред партискиот интерес“, рече Тунтев. Законите се поднесуваат по скратена постапка откако се обезбедени средства со донесениот ребаланс на Буџетот.

Со законот за минималната плата ќе се усогласи миналната плата на вработените во текстилната и индустријата за поизводство на кожа, како и покачување на минималната плата на 12.000 денари нето. Со т.н закон за стечајци ќе се овозможи материјално обезбедување на над 3.500 лица односно лица кои најмалку 15 години биле во работен однос во претпријатија во држана сопственост и кои на денот на стапување на сила на законот ќе бидат на возраст од 52 години за жени и 55 за мажи. Тие ќе стекнат право на паричен надомет во висина од 7.596 денари месечно. Укинувањето на радиодифузната такса, како и мерката за враќање на евтината дневна и викенд тарифа на струјата, според Тунтев, ќе го помогне домашниот буџет кај сите граѓани.

Со оглед на локалните избори Собранието, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, најверојатно ќе заседава најдоцна до 25 септември, и исклучително е важно работата на парламентот во наредниот период да биде ефикасна и со конкретни резултати. Искуството со седницата за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески, според Тунтев, говори дека се можни нови блокади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top