| четврток, 6 декември 2018 |

Стојаноска: За Заев и Таравари човечкиот живот вреди помалку од нивната политичка кариера

Одговорноста и срамот на Таравари не може да ги покрие ни една, ни две ни двеста комисии. ВМРО ДПМНЕ предупреди на стратегијата на Таравари, истакнува Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

-На кратко објаснета, таа е следна. Чекор еден: обид да се сокрие од јавноста или премолчи секој трагичен случај. Чекор два: обид да се замолкнат медиумите и да се ургира за да не се објавуваат лоши вести за Заев и Таравари. Чекор три: доколку веста се пробие до јавноста, истата да се релативизира. Најдобро што смислиле ПР стратезите на Заев е да се префрла вината. Чекор четири: доколку не успее префрлањето на вината, се формира комисија. Чекор пет: комисијата одолговлекува и откако ќе спадне тензијата околу скандалот, носи заклучок дека Таравари е најдобриот министер во свет, немало никаков пропуст, а на новороденчињата им било пишано да починат,
вели Стојаноска.

Таа додава дека тоа што аздисаните Таравари и Заев не можат да го разберат е дека уште 10 вакви комисии да излезат со извештаи како се е перфектно, нема да се вратат починатите дечиња.

-Зборот одговорност не постои ниту во речникот на Таравари ниту на Зоран Заев. За нив човечкиот живот вреди многу помалку од нивната политичка кариера. Никој во здравството и во владата не понесе одговорност за смртта на 10 новороденчиња само во измината недела. Неспособноста на оваа влада и Таравари зави во црно десет семејства, истакнува Стојаноска.

Партиските војници, додава таа, кои во времето на ВМРО-ДПМНЕ плукаа по македонското здравство, добија директорски позиции и сега немаат доблест да проговорат за трагичната ситуација во која СДС и Таравари го донесоа македонското здравство.

-Дополнително, замената на професионалци за партиски војници од редовите на СДС придонесе за опаѓање на квалитетот на македонското здравство. Митаџии и луѓе со сомнителни морални вредности станаа директори по македонските клиники. Таравари наместо да понесе одговорност и да си даде оставка се занимава со невкусни коментари по социјалните мрежи и директни конфронтации со граѓаните за кои работи. Со доаѓањето на Таравари и СДС на власт здравството во Македонија е пред колапс. СДС и Таравари се најтешката болест за нашето здравство. Очигледно е дека одговорност нема да понесат оние кои се најповикани, но граѓаните имаат други механизми да им ја наплатат штетата која Таравари и СДС ја направија во здравстовото и во целата држава. Локалните избори се ближат а СДС е исплашен и од тој страв ја носи државата во уште полоша позиција и ќе предизвика тотален крах на истата. Граѓаните ќе го искористат своето гласачко право и секој еден граѓанин ќе ги казни за штетата која ја направија, нагласува Стојаноска на денешната прес-конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top