| четврток, 6 декември 2018 |

Фабриката за лаги на Зоран Заев

Михајло Маневски

Како проклетство, секогаш кога СДС е на власт не се гради ништо, туку се уништува и  се руши и тоа што е изградено и создадено со многу труд и мака на народот. За толку години владеење на СДС не се изгради ниту еден стопански објект, фабрика, не направија ниту едно метро автопат, експресен или селски пат, водостопански, културни, здравствени, образовни, спортски и други објекти за потребите на граѓаните.

СДС е неславен рекордер, не донесоа ниту една странска инвестиција и не се изгради ниту една нова фабрика со странски капитал. Уништија многу фабрики, комбинати, задруги и многу други стопански капацитети, ја растурија економијата, а работниците ги исфрлија на улица. Каде ги трошеа парите? Создадоа пирамидални штедилници и преку нив ги опљачкаа граѓаните.

Криминалот долги години беше и останува основен белег на владеењето на СДС.

Владата на Зоран Заев овој пат посегна по најзначајните проекти од инфраструктурата во Македонија, по автопатиштата, брзите патишта и други инфраструктурни објекти, по објектите од областа на енергетиката, здравството и образованието, детската заштита,  детски градинки, спортот и други објекти.

Поништија многу објавени тендери за изградба на нов клинички центар, тендер за набавка на опрема за ископ на јаглен за потребите на електраните, за набавка на лекови и многу други тендери за изградба на објекти и за задоволување на други потреби на државата и граѓаните.

                            Шампиони  на неработење

 Неспособни да ги решаваат проблемите, сосема неосновано предизвикаа застој на изградбата на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, на брзите патишта, реконструкција и проширувањето на патот Градско – Прилеп. Запре да се гради се што беше започнато или подготвено за градба, а објектите ги оставија на милост и немилост да се уништуваат. Машините на автопатите ги сведоа на минимум, а дневно се истура по еден или ниту еден кубен метар песок или се фрла по една лопата асвалст!.

Како докажани рушители, многу е очигледо дека запирањето на градбата на автопатиштата и на други инфраструктурни објекти не е од техничка, туку од политичка природа. Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски даде  небулозни изјави за запирање на градбата на автопатиштата поради “технички пропусти”. Сосема неосновано даде произволни лажни проценки извадени од ракав дека за градбата на автопатот Кичево-Охрид ќе биле потребни дополнителни 120 милиони евра и за автопатот Миладиновци – Штип 20 милиони евра!!.

Неодговорни и неспособни, поништија огромен труд за изградба на Клинички центар во Скопје, објект од приоритетно значесње за граѓаните вреден над 84 милиони евра, каков објект никогаш нема да изградат. За жал, за една недела починаа 8 деца во болниците и клиники во Македонија, а министерот за здравство Арбен Таравари не презема ништо да не се повторуваат вакви несакани случаи. Што направи за здравството освен што противзаконито разреши голем број директори на клиниките и именува нови партиски кадри. Како негово најголемо достигнување во овие три месеци е поставување на тројазични табли на клиниките. Морбидно  и неетички смртта на невините дечиња ја споредува со големиот број на граѓани кои заминале на работа во странство!. Од неодговорните постапки на Владата и Министерот за здравство ќе страдаат граѓаните, а настрадаа невини дечиња.

И додека се привршуваат овие редови, стигна уште една кобна вест дека на детската клиника во Скопје починале уште две деца. Кога ќе се освести министерот Арбен Таравари и Владата? Уште колку деца треба да настрадаат па да се преземат некакви мерки. Наводните невладини хуманитарни организации молчат и немаат никаква реакција. Тие уште се наоѓаат во победоносен занес добивајки нови грантови и фотељи .    

               Се подготвува терен за голем грабеж

Сосема е јасно зошто се прави тоа. Се подготвува терен за голем грабеж. Целта не е изградба на автопатиштата и другите објекти, туку тендерите кои треба да ги објават за наводните пропусти и да профитираат од нив.

  Неспособноста на Владата и надлежниот министер Горан Сугаревски уништија цела градежна сезона. И не само ова, туку и наредната градежна сезона. Неодговорните манипуланти и калкуланти ги доведоа во реална опасност најзначазните објекти од инфраструктурата  во Македонија.

Смислено се одолговлекува предавањето во употреба на веќе изградениот дел од автотпатот од Демир Капија до Смоквица, сакајки да прикажат дека еве и тие нешто направиле на веќе изградениот автопат, да се китат со туѓи перја.                 

                       Фабрика за лаги во Владата

   За да може се оправда ова евидентна рушителска политика, да се оправда  неспособноста, неодговорноста и неработењето, Зоран Заев и СДС посегнаа по веќе испробаниот рецепт да се покриваат со лаги и манипулации.  

  Во градење на фабрики за лаги СДС има големо искуство.

Во 2005 година ја изгради првата фабрика за лаги, која единствено функционираше, бидејки фабриките беа уништени или багателно приватизирани. Тогаш, некои уредници и некои новинари и преставници на наводни “невладини организации” претпладне ги уредуваа медиумите, а попладне и навечер работеа за потребите на раководството и пратениците на СДС.

Во 2014 година се изгради фабриката лаги на Захир Бекири-Чаушот, близок на Зоран Заев, за фалсификување на лични карти, патни исправи, лажни сметки за депозити во странски банки за функционери на ВМРО-ДПМНЕ и фалсификување на други документи. Ова фабрика за лаги беше комплетно опремена со најсовремена техника за фалсифукување, а беше “снабдена” и со окулу 70 илјади незаконски прислушкувани разговори.

 Зоран Заев денес во Владата ја гради најголемата фабрика за лаги со окулу 50 вработени лица!. Ова фабрика за лаги е повеќе од двојно поголема и од поранешното Министерство за информации. На големината и бројноста на ова фабрика можат да и позавидат и држави кои повеќе од десет пати се поголеми од нашата. Со ова фабрика за лаги раководи Министерот без ресор Роберт Поповски, задолжен за “комуникации, отчетност и транспарентност”. Под маска на отчетност и трнспарентност, ќе се трошат повеќе сторици милиони денари пари на граѓаните за лаги, манипулации и подметнувања.

Сосема е извесно кој веќе е, и кој ќе биде дел од ова фабрика за лаги и на каков начин ќе се примаат “советниците”. Судејки според досега именуваните, нема илузии дека тоа ќе бидат докажани партиски послушници, соросови платеници, шарени рушители, насилници, манипуланти, фолиранти и “пљампачи”, како што деновиве напиша еден поранешен министер.

                  Нема отчетност и транспарентност

  Каква отчетност и транспарентност може да се очекува од еден министер кој служи само на теснопартиските интереси? Поттикнат и охрабрен од  неговиот ментор, опседнат со омраза и реваншизам ги лечи фрустрациите и цинизамот со кој се одликува.  

Каква отчетност и транспарентност може да се очекува од таков министер кој нема никаква реакција за толку големото кршење на Уставот и законите.               Министерот без ресор задолжен за комуникации остана нем и глув, а транспарентноста ја замени со гробна тишина за најзначајните прашања од посебен интерес на државата и граѓаните.

Во најстрога тајност се држеше Договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија, додека во исто време за договорот расправаше пaрламентот на Репубилика Бугарија, но не и Собраието на Република Македонија. Тоа ли е транспарентност на Владата и на овој министер?

           За вицепремиерот на Владата Бујар Османи, задолжен за евроинтреграции, забелешките кон текстот на Договорот со Бугарија биле „емоционални“, а не “рационални”, а Владата не била тука за решавање на емоционални проблеми!. Национален интерес на земјата биле евроатланските интеграции, а не заштитата на македонскиот идентитет и посебност!. Тој не ја признава македонската химна и никогаш не станал при нејзиното изведување. Голем демократ и голем реформатор-легалист, нема што, па уште задолжен за евроинтеграции!. За него најважна работа е донесувањето на неуставниот Закон за употреба на јазиците, како основа на Тиранската платформа за двојазичност на целата територија на државата и рушење на унитарноста на државата. Илјада пати повторува голема лага дека тоа било последносто прашање од легислативниот дел на Рамковниот договор.

                              Нема никави комуникации за ниту едно прашање

                 Што направија  Владата и министерот за комуникации и транспарентност? Ветуваа широка расправа и консултација со граѓаните, невладините организации, друштва и здруженија по сите прашања. Ветуваа транспарентност и инклузија, а постапуваат сосема обратно, таинствено и подмолно.

           Зошто за Предлог-Законот за употреба на јазиците  не  е отворена јавна расправа, не е обезбедена ниту една научна и стручна дискусија, не се обезбедени мислења од релевантни државни и научни институции. Бесрамно на тој закон му ставија европско знаменце за да се ограничи расправата во Собранието, иако таков закон никогаш досега не бил, а ниту сега е услов за евроинтеграциите.

             Ако за некој закон требаше најширока расправа, тоа беше овој неуставен Закон за употреба на јазиците. Вакви прашања не се решаваат набрзина со уцена и со надгласување. Тоа се прашања за општ консензус, но за жал се тргна во обратна насока. Не се направи ниту обид да се расправа, со што се подигнаа тензиите дека бидејки целта е сосема јасна, да се протури нешто на штета на државата и граѓаните спротивно на Уставот.

Очигледно е дека на Владата и на министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, големата фабрика за лаги им служи единствено за конструкции на невистини и полувистини, за уништување на се што не мисли како нив со ковање на завери и подметнувања, уништување на секој медиум кој не е по нивна воља,   притисоци и уцени со СЈО, како некое најголемо плашило.

Тоа ли е враќање на демократијата и слободата? Целта на Зоран Заев е комплетен медиумски мрак, како инструмент за владеење. Мора да има само една вистина, а тоа е она што ќе ја пласира оваа фабрика за лаги, но во тоа нема да успеат, колку притисоци и закани да вршат..

          Да основаат и сто фабрики за лаги, неможат да го прикријат овој хаос во државата што го создадоа за сто дена владеење. Сто дена грубо кршење на законите и правата на граѓаните, сто дена расипништво и неспособност, сто дена крчмење на државните и националните интереси на државата. За грубата манипулација и подценување на граѓаните и хаосот што го направија наскоро на наредните избори ќе положат сметка. Народот не заборава и не трпи измамници и лажговци и за тоа  ќе ги казни.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top