Владата почнува со процесот на максимална отвореност кога станува збор за информациите од јавен интерес. Првиот чекор во оваа насока, како што беше речено на денешниот брифинг со новинарите во Владата, е вчера донесената одлука за декласифицирање на договорите со странските инвеститори за доделување државна помош.
За седум дена Генералниот секретаријат на Владата треба да изготви листа на државните институции кои склучувале вакви договори, по што точно ќе се знае колкав е бројот на договорите, кој ги склучувал и кој ги класифицирал како информации недостапни за јавноста.
– Декласифицирањето на договорите е мерка од владиниот план 3-6-9 и со неа воопшто не се задира во работата на странските инвеститори. Остануваат тука и се заштитени. Декласифицирањето е во интерес на граѓаните за што тие имаат право да знаат на кого и колку од јавните пари му се давани, беше истакнато на брифингот со новинарите.
Владата, како што беше речено, подготвува и анализа за бенефитот од странските инвеститори.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на вакквата одлука – Владата на Социјалдемократскиот сојуз спроведува катастрофална економска политика. Социјалдемократскиот сојуз со секој свој нов чекор ја турка државата кон зголемување на невработеноста и банкрот.
-Владата на вчерашната седница донесе одлука за декласифицирање и објавување на субвенциите кои се даваат на странските инвеститори во Република Македонија, потег кој ќе влијае на потенцијалните инвеститори и нивните намери да дојдат во земјава да инвестираат. Не е никаква тајна, ниту е незаконски тоа што Македонија, како и повеќето земји низ светот, кои се борат за странски инвестиции, да дава субвенции по некаква основа. Тоа и досега не било тајна, било согласно закон и истото даде огромни резултати во намалување на невработеноста, отворањето на нови работни места, зголемување на извозот, пренос на технологии и знаење, обезбедување работа за домашните компании како и добавувачи или партнери од различен вид, и на крај резултираше со зголемување на индустриското производство, раздвижување на економијата, зголемување на конкурентноста, и раст на севкупниот БДП – изјави денеска на прес-конференција Христијан Мицкоски, генереалниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потенцираше дека во таа насока постои и огромна конкуренција при привлекувањето на инвеститорите вклучително и во сегментот на субвенциите.
-Секоја земја прави напори и води преговори со инвеститорите во тој правец. Тоа го прават и Србија, Бугарија, Романија, Чешка, Унгарија, но и одредени држави во САД. Кога сакаат да привлечат голем работодавач. Компаниите кои доаѓаат не посакуваат јавно објавување на нивните договори и приходи по основ на субвенции, а тоа не и одговара ни на државата. Прво затоа што се откриваат позициите пред другите земји конкуренти. А, најчесто еден инвеститор во процесот на одлука „го бркаат“ најмалку 5-6 држави со различни понуди кои најчесто не се објавуваат, бидејќи секој нареден инвеститор ќе бара најмалку иста субвенција од оној кој добил најголема, што не е добро и ја става државата во подредена улога. Понекогаш кога конкуренцијата на земји за еден инвеститор е голема и силна, а неговата важност огромна, субвенциите се поголеми, а некогаш може да се успее и со помали субвенции, тоа е предмет на преговори, а во поретки случаи се успева и без субвенции, рече Мицкоски.
Тој додаде и дека декласицифирањето и објавувањето на субвенции кои се даваат на инвеститорите, во отсуство на проекти и нови домашни или странски инвестиции со кои би можела да се пофали новата влада, е наменет единствено како предизборна внатре-политичка пропаганда. Социјалдемократскиот сојуз во пресрет на локалните избори, ќе предизвика несигурност и незадоволство кај постоечките инвеститори приматели на субвенции, ќе ја намали конкурентноста во однос на другите држави и ќе одврати многу странски инвеститори да инвестираат во Република Македонија.
-Наместо во Македонија, земја на инвестирање ќе бидат соседните Бугарија, Србија, Албанија, па и Романија, Турција, Унгарија и Чешка. Сепак, кога подобро ќе се размисли, оваа мерка е во склад со очигледните намери на Социјалдемократскиот сојуз да нема сериозен прилив на странски директни инвестиции во Македонија. Сите досегашни чекори се во тој правец, па овој е логичен последователен чекор. Загубата на нови работни места ќе се одрази и на невработеноста, и на неуспехот да се покачат платите на веќе вработените и ќе се стимулира натамошното иселување на работно способното население од Република Македонија, потенцираше Мицкоски.
Тој на крајот рече и дека дополнително, следниот чекор кој го најави владата, да објави т.н. транспарентен ценовник или тарифник за субвенции, ќе биде уште еден чекор во тој правец. Едноставно, кога јавно ќе се знае колку е максимумот кој владата може да го даде, секоја друга држава конкурент секогаш ќе понуди евро повеќе и во најголем дел од случаите ќе ги привлече инвеститорите кај себе, а ние ќе имаме се помалку нови странски инвестиции, се помалку нови креирани места и се помалку работни места за нашите сограѓани, ваквата одлука ќе значи крај на странските инвестиции во Република Македонија и дополнително осиромашување на државата и буџетот на граѓаните кои што работат во странските инвеститори во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст