| четврток, 6 декември 2018 |

Џиновски петел во центарот на Скопје (фото)

Светски познатиот уметник – муралист Векс Ван Хилик (Veks Van Hillik) деновиве изработува мурал на зградата над Билната аптека, во центарот на Скопје. Градот Скопје го поддржа проектот на Младинскиот културен центар (МКЦ) за изработка на повеќе мурали на фасадите на зградите во централното и поширокото градско подрачје со 1.250.000 денари. Минатата година два мурали ја украсија фасадата на МКЦ, едниот изработен од групата ЗЕРО (ZERO), а другиот од 40-тина прогресивни уметници од Македонија.

До крајот на оваа, 2017 година, ќе бидат изработени уште десетина мурали од повеќе прогресивни уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка.

Векс Ван Хилик е роден во 1988 година, во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во флората и фауната. Хилик подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон му се постојана инспирација од минатите векови, но, неговото дело е под влијание и на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.

Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде што денес живее и твори), учествувал во голем број изложби ширум Франција. Неговите дела се познати и во странство, со поставките во галеријата МондоПоп (MondoPop) во Рим во 2012 година и во Салерно, во галеријата ГрислТату (Gristle Tattoo) во Бруклин, Њујорк и во Мелбурн, Австралија во 2013 година.

Секоја слика или цртеж од Векс Ван Хилик изгледа како ода посветена на фантазијата, како таинствен прозорец кон неговите сништа и илузии, каде што секоја сцена и лик се префинета мешавина на невиност и мрачност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top