| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Рашковски прави незаконски и политички линч на припадниците на помалите етнички заедници

Она што Заев и Рашковски го прават е незаконски и ќе дојде време кога ќе одговараат. Ќе одговараат и Заев и Рашковски, но и сите оние во администрацијата кои доброволно или под закана им помагаат во незаконските дејанија, стои во денешната рекација од ВМРО-ДПМНЕ на Владата на Република Македонија.

„Зад превезот и измислиците дека има злоупотреби тие сакаат да остават на улица стотина вработени најголем дел припадници на помалите етнички заедници. Ова е директна дискриминација на турската, српската, бошњачката, ромската и влашката заедница. Тие на овој начин го одвлекуваат вниманието од вистинските злоупотреби и незаконски именувања кои ги прават. Прават линч и дискриминација на многу заедници, ова е доказ за партиско политичка дискриминација“, стои во рекацијата.

Од партијата велат и дека СДС ја преполни владата со скапо платени српски советници, твитердџии, шарени револуционери, луѓе од подземјето, насилници, и луѓе кои Заев смета дека треба да бидат наградени само затоа што му помогнале во кампања.

„Затоа на СДС му треба да бара виновници и луѓе кои би ги бркал од работа. На Заев му се потребни места за да ги задоволува партиските апетити. Последната манипулација на СДС не е ништо друго туку обид на грбот на припадниците на помалите етнички заедници да се отвори простор за оние на кои Заев се уште им должи. Покрај тоа, Заев и Рашковски занесени во мислата дека вечно ќе се на власт и можат да прават што сакаат без за тоа еден ден да се соочат со одговорност, сакаат истовремено да покренуваат нови хајки кон поранешни функционери. Сите овие незрели и во вознес донесени одлуки еден ден ќе им се вратат како бумеранг“, истакнаа од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува сите оние кои совесно си ја работеле работата да не потклекнуваат на притисоците. Забеганоста и арогантното кршење на законите нема да траат вечно. Со заминување на СДС од власт ќе бидат преиспитани сите сведочења на лицата кои биле под притисок на СДС. Правната држава ќе се врати и секој ќе одговара за тоа што го сторил. Рашковски и Заев нема вечно да се на власт. Ќе се сменат улогите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top