| четврток, 6 декември 2018 |

Почина професор Христо Карталов

После кратко боледување почина Христо Карталов, професор и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје.

Роден е на 02.02.1944 година во Радовиш. Основното образование го завршил во родното место, а средно во Прилеп. Во 1968 година завршил земјоделски факултет-агро-економска насока во Загреб, а во 1969 година се вработил во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, прво како асистент, научен соработник а потоа и виш-научен соработник. Постдипломски студии завршил во 1974 година на Универзитетот во Белград, каде во јуни 1977 година ја одбранил својата докторска дисертација.

По докторирањето својата професионална дејност ја обавува на Филозофскиот факултет на Институтот за социологија прво како доцент, вонреден и редовен професор по предметите социологија на селото, политичка економија, основи на економија. Во периодот 1979-1981 година ја вршел должноста продекан на Филозофскиот факултет, 1983-1985 година бил претседател на Здружението за социологија на Македонија, 1988-1990 година бил декан на Филозофскиот факултет и основач на постдипломските студии за евроинтеграции при факултетот.

Во текот на целата кариера делуваше и твореше во научно едукативната сфера во областа на руралната социологија, економојата и економијата, пазарот и монетарниот систем на Европската Унија. Учествувал во бројни научни собири и конференции во земјата и странство во кои имал забележително место со своето учество. Автор и коавтор е на бројни статии, монографии, студии, научни трудови. Особено значајни за научната дејност се Социологија на селото (1996 година) и Европската интеграција низ економската перспектива (2005 година).

Погребот ќе се одржи утре на градските гробишта во Бутел, а телото ќе биде изложено во капела од 11 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top