| четврток, 6 декември 2018 |

Цела недела не се знаат причините за смртта на бебињата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека речиси цела недела не се знаат причините за смртта на бебињата.

– Нема оставки, нема одговорност. Четири дечиња им починаа во раце. Барем некој да се одважеше, па макар и од морални причини. Буквално сите се кријат и бегаат од скандалот на гинекологија. Највеќе оние кои се највисоко во хиерархијата и треба да покажат барем малку доблест. Хаосот кој го создаде СДС на долг рок ќе предизвика пад на квалитетот на услугите во здравството, изјави пред Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните, посочи, беа приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Затоа само на ГАК која беше реновирана, беа набавени 11 респираторни машини, 16 инкубатори, три вормери, еден ултразвучен апарат, еден мобилен рендген апарат, еден апарат за гасни анализи, 10 перфузори/инфузиомати. Опремивме најсовремени операциони сали, а во 2013-та беше отворена и петтата операциона сала за минимално инвазивна хирургија опремена со најсовремена апаратура за лапараскопски интервенции, рече Андоновска.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во рамки на Програмата на Министерството за здравство за едукација на лекари и педијатри, на ЈЗУ и Клиниката за гинекологија и акушерство им доделила пет субспецијализации по неонатологија за педијатри вработени на Одделението за неонатална интензивна нега и терапија и Одделението за новородени деца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top