| четврток, 6 декември 2018 |

Седлоски ќе седне на клупата на Динамо Загреб

Рекордерот по бројот на настапи во македонската репрезентација, Гоце Седлоски, е најсериозен кандидат за тренерската функција во хрватскиот клуб, Динамо Загреб

 

Најтрофејниот хрватски клуб утринава му додели отказ на Марио Цвитановиќ и веќе ја почна потрагата по негов наследник. Покрај Седлоски, во конкуренција е и Јосип Шимуниќ, но тој е помошник во хрватската репрезентација и не планира да го напушти тоа место.

Голема чест е да се биде тренер на Динамо, но во моментов не знам ништо за тоа, изјави Седлоски за хрватските медиуми.

Тој избил на површина поради успехот на Вардар во Лигата Европа оваа година. Тој ги водеше “црвено-црните” во првите две квалификациски кола од Лигата на шампионите, но изненадувачки поднесе оставка по елиминацијата од Копенхаген. На неговите темели, Чеде Јаневски два пати го победи Фенербахче и го однесе Вардар во Лигата Европа.

Освен што е рекордер по бројот на настапи во македонската репрезентација, Седлоски е исклучително популарен и во Хрватска бидејќи како играч беше член на Хајдук и Динамо, а беше и капитен на “модрите”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top